Мерката е дел од пошироките напори на Пекинг да го зголеми наталитетот, откако со децении ја ограничуваше големината на семејствата преку строгата политика „едно дете“.
Според најновиот закон за ДДВ, „контрацептивните лекови и производи“ повеќе нема да бидат ослободени од данок, што значи дека на кондомите ќе им се наплатува стандардна стапка од 13 проценти, како и на повеќето други производи.
Иако државните медиуми во Кина не ѝ дадоа големо медиумско внимание на оваа промена, темата стана вирална на кинеските социјални мрежи, каде што граѓаните ја исмеваа одлуката, коментирајќи дека е апсурдно да се мисли оти одгледувањето дете е поевтино од купување кондоми дури и со данок.
Сепак, експертите предупредуваат дека мерката може да има сериозни последици. Зголемувањето на цените на контрацептивите, според нив, може да доведе до пораст на непланирани бремености и сексуално преносливи инфекции. Овие стравувања се особено чувствителни ако се земе предвид историјата на кинеската политика за контрола на раѓањата, која од околу 1980 до 2015 година се спроведуваше со високи парични казни, административни санкции, а во некои случаи и со присилни абортуси. Деца родени над дозволената квота понекогаш остануваа без лични документи, практично станувајќи „невидливи“ за државата.
Кина ја зголеми дозволената граница на две деца во 2015 година, а во 2021 година и на три деца, откако населението почна да стагнира и да опаѓа. И покрај тоа, бројот на новородени продолжува да се намалува. Во 2024 година биле родени 9,5 милиони бебиња – речиси една третина помалку од 14,7 милиони во 2019 година, покажуваат податоците на Националното биро за статистика. Ова се случи и покрај привремениот пораст на раѓања поврзан со традиционалната желба за деца родени во Годината на Змејот.
Поради тоа што бројот на починати го надмина бројот на новородени, Индија ја престигна Кина како најнаселена земја во светот во 2023 година.
„Ефектот на данокот врз зголемување на фертилитетот ќе биде многу ограничен. За паровите кои не сакаат деца, или не сакаат дополнителни деца, данок од 13 проценти на контрацептивите тешко дека ќе влијае на нивните одлуки, особено кога ќе се спореди со далеку поголемите трошоци за одгледување дете“, вели Ќиан Цаи, директор на Групата за демографски истражувања при Универзитетот во Вирџинија.
Други експерти, пак, ја сметаат мерката за „логична“. „Порано ја контролираа популацијата, а сега ги охрабруваат луѓето да имаат повеќе деца. Ова е враќање кон нормална пракса, каде што овие производи се третираат како обични стоки“, оценува Ји Фусиен, висок научник на Универзитетот во Висконсин–Медисон.
Истражувањата покажуваат дека товарот на контрацепцијата во Кина главно паѓа врз жените. Кондомите ги користат само 9 проценти од паровите, додека 44,2 проценти користат интраутерини спирали, а 30,5 проценти женска стерилизација. Машката стерилизација е застапена со 4,7 проценти, според податоци објавени од Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ во 2022 година.
Поради долготрајниот, инвазивен пристап на државата кон приватниот живот, дел од жените изразуваат огорченост. „Ова е дисциплинска тактика – управување со женските тела и со мојата сексуална желба“, изјави 32-годишната наставничка Зоу Сјуан од јужната провинција Џиангси.
Нема официјални податоци за годишната потрошувачка на кондоми во Кина, но проценките варираат. Според извештај на аналитичката платформа IndexBox, во 2020 година во земјата биле потрошени околу 5,4 милијарди кондоми, единаесетта година по ред со раст.
Здравствените експерти предупредуваат дека намалената употреба на кондоми може да доведе до сериозни јавноздравствени последици. „Повисоките цени може да го ограничат пристапот до контрацепција кај економски ранливите групи, што може да резултира со повеќе несакани бремености и сексуално преносливи инфекции, а со тоа и со повеќе абортуси и повисоки трошоци за здравствениот систем“, предупредува Цаи.
Кина и онака се соочува со висок број абортуси, меѓу 9 и 10 милиони годишно во периодот од 2014 до 2021 година, според Националната здравствена комисија, по што земјата престана да објавува вакви податоци. Во исто време, сексуално преносливите инфекции се во пораст: во 2024 година биле регистрирани над 100.000 случаи на гонореја и околу 670.000 случаи на сифилис. Бројот на лица кои живеат со ХИВ и СИДА исто така расте и достигна околу 1,4 милиони во 2024 година, особено кај постарата популација.
Извор: NDTV
