Со заострените американски ограничувања за извоз на вештачка интелигенција (AI) чипови, американскиот технолошки гигант NVIDIA забележува сериозен пад на уделот на кинескиот AI пазар. Истовремено, Huawei брзо се позиционира како водечки домашен играч, успешно пополнувајќи ја празнината што ја создадоа забраните од САД.
Кинескиот гигант Huawei сега доминира со своите Ascend AI чипови, како и со новите решенија за високо-компјутерски процеси под името CloudMatrix 384. Според технолошкиот портал WCCFTech, овие решенија се директна конкуренција на напредните NVIDIA конфигурации како Blackwell GB200 NVL72.
Пазар вреден милијарди
Според проценките на извршниот директор на NVIDIA, Џенсен Хуанг, кинескиот пазар претставувал потенцијал вреден 50 милијарди долари. Но, со воведувањето на американските ограничувања – кои започнаа за време на администрацијата на претседателот Џо Бајден – компанијата изгуби значителен број клиенти во Кина, што резултираше со драматично намалување на нејзините приходи и влијание.
Уделот на NVIDIA на кинескиот пазар падна на околу 50 проценти, што значи дека Huawei се изедначува со досегашниот лидер, а трендот покажува дека натпреварот допрва ќе се заострува.
Huawei добива поддршка од домашни гиганти
Чиповите Ascend 910C и 910B од Huawei веќе се користат од страна на некои од најголемите технолошки компании во Кина, како што се Tencent, Baidu и ByteDance. Дополнително, компанијата ги лансираше и своите први rack-решенија – CloudMatrix 384, кои претставуваат директен предизвик за системите на NVIDIA.
Политичка битка со технолошки последици
Извршниот директор на NVIDIA, Џенсен Хуанг, неодамна изјави дека „светот не смее да дозволи Кина да изгради свој независен AI екосистем“, предупредувајќи дека тоа би можело да ја загрози водечката позиција на САД во оваа критична технологија.
Сепак, со сегашното темпо на технолошки развој и поддршката што Huawei ја добива од домашниот пазар, Кина би можела во следните години да се изедначи, па дури и да го надмине Западот во делот на вештачката интелигенција.
Доколку американските ограничувања продолжат со исто темпо, експертите предвидуваат дека NVIDIA ќе биде принудена да отстапи пред растечката кинеска конкуренција.