Кога Магнус Меланд стана градоначалник на едно гратче на далечниот север на Норвешка кон крајот на 2023 година, уште во првите недели му затропаa на вратата три кинески делегации. „Затоа што сакаат да станат поларна суперсила“, вели тој.
Иако Кина на прв поглед не изгледа како земја што има што да бара на Арктикот, Пекинг има сериозни амбиции во регионот: купува земјиште, инвестира во инфраструктура и сака да воспостави постојано присуство. Кина веќе се претставува како „блиско-арктичка држава“, иако нејзиниот најсеверен поголем град Харбин е на иста географска ширина како Венеција. Но, Арктикот станува ново глобално бојно поле за моќ. Освен Кина, за влијание се борат Русија, САД, Европа и Индија. Трката за Арктикот започна, пишува BBC.
Топењето на мразот отвора пристап до огромни природни ресурси
Научниците предупредуваат дека Арктикот се загрева четири пати побрзо од остатокот на планетата, што ги загрозува екосистемите, дивиот свет и локалните заедници. Тоа е огромна област што зафаќа 4% од површината на Земјата. Сепак, светските сили во тоа гледаат нова можност.
Топењето на мразот отвора пристап до клучни минерали, нафта и гас – се проценува дека околу 30% од неискористениот светски природен гас се наоѓа токму во Арктикот.
Исто така, се отвораат нови поморски рути меѓу Азија и Европа кои значително го скратуваат времето за транспорт – а времето е пари. Затоа Кина го развива планот „Поларен Пат на свилата“.
Град духови на северот на Норвешка како огромен потенцијал
Киркенес, поранешен рударски град на крајниот север на Норвешка, изгледа напуштено – затворени продавници, напуштени складишта, скршени прозорци. Како да е заборавен од светот. Затоа не е тешко да се разбере зошто идејата да стане првата европска контејнерска лука за бродови од Азија, ако мразот продолжи да се топи, е толку примамлива.
Директорот на пристаништето Терје Јоргeнсен има големи планови: да изгради ново меѓународно пристаниште. „Сакаме да создадеме точка за претовар каде што се среќаваат трите континенти – Европа, Азија и Северна Америка“, вели тој. „Ќе претоваруваме товар на други бродови. И не, нема да продаваме земја на никого – ниту на Британците, ниту на Кинезите.“
Норвешките закони сега забрануваат продажба на земјиште или компании ако тоа може да ја загрози националната безбедност. Но локалните власти чекаат јасни насоки од државата што точно се смета за „критична инфраструктура“. Градоначалникот Меланд е внимателен: „Сакаме соработка со Кина, но не и зависност од неа. Европа мора да се запраша: колку сакаме да зависиме од авторитарни режими?“
Пекинг се врти кон Русија
Кинеските обиди за „купување влијание“ сè почесто се одбиваат во европскиот Арктик. Пекинг безуспешно се обиде да купи удели во пристаништа во Норвешка и Шведска, како и аеродром на Гренланд. Поради тоа, се врти кон Русија – најголемата арктичка сила која контролира половина од арктичкото крајбрежје и со задоволство ги прифаќа кинеските инвестиции.
Соработката е и воена: во октомври кинеската крајбрежна стража првпат патролираше на Арктикот заедно со руските сили. Претходно одржаа заеднички воени вежби, а во јули бомбардери од двете земји патролираа покрај брегот на Алјаска – како порака до НАТО, кој го зголемува своето присуство во регионот: „И ние можеме истото.“
Сите земји што граничат со Арктикот се членки на НАТО – освен Русија. По руската инвазија на Украина, на Алијансата ѝ се приклучија и Финска и Шведска. Андреас Остхаген од Институтот Фридтјоф Нансен вели дека Арктикот е плодна почва за руско-кинеска соработка: „Русија има потреба од инвестиции и партнери за развој на LNG, нафта и северната поморска рута. Кина е тоа тржиште.“
Но Кина внимава да не се врзе премногу цврсто со Москва – сака да избегне санкции и да задржи добри односи со Западот. И Русија има резерви. „Не треба да го преценуваме нивниот сојуз“, вели Остхаген. „Русија е многу свесна за ризикот од прекумерен кинески влијание во својот Арктик.“
„Шпионско гнездо“
Москва таму чува ресурси и стратешко оружје, особено на полуостровот Кола, каде се наоѓа нејзината нуклеарна флота. Од Киркенес до руската граница има само десет минути возење. Полуостровот Кола изгледа застрашувачки блиску.
Во текот на Студената војна, градот беше познат како „шпионско гнездо“, фронт помеѓу Истокот и Западот. Денес, Норвешка тврди дека Русија го користи Арктикот за воени обуки и летови на бомбардери кон Украина. Иако не е војна страна, Норвешка, особено северот, чувствува притисок.
„Го гледаме тоа секојдневно“, вели полковник Јорн Квилер. Од почетокот на војната во Украина, се зголемија случаите на GPS-ометување – дури и за цивилни пилоти. Шпионажа на границата, од прислушување до испраќање агенти, е во пораст. Норвешка и НАТО се во висока готовност поради можни руски подморници во регионот.
Во кварцна карпа во Боде е вградена подземна командна база од времето на Студената војна. Таму во реално време се следат бродови и податоци се споделуваат со НАТО. Сите руски бродови што сакаат да влезат во Европа прво мора да минат низ норвешки води. Посебно внимание се посветува на подводната инфраструктура, комуникациски кабли и енергетски цевки – клучни за европската безбедност.
„Ризикот од ескалација е реален“
Москва силно ја модернизира својата флота подморници, вклучително и нуклеарни. Ако поминат незабележано, можат да бидат закана за европски и американски градови, пишува BBC. Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ порачува на Европа да инвестира повеќе во одбраната, но норвешкиот адмирал Руне Андерсен вели: „Арктикот не е само европско прашање, туку и одбрана на американска територија.“
Сепак, тој не верува дека некој сака отворен конфликт. Но, поради глобалните тензии, ризикот од ескалација е реален. Неговиот тим секоја недела контактира со руската флота за да се одржат комуникациските канали – за секој случај.
„Цел свет е опседнат со Арктикот“
На половина пат меѓу Киркенес и Северниот пол се наоѓа архипелагот Свалбард – земја на мраз и поларни мечки. Иако формално под норвешка управа, меѓународен договор им дозволува на сите потписнички да работат и истражуваат таму без виза. Најмногу луѓе се вработени во рударството, туризмот и науката.
Но по инвазијата на Украина, тензиите се зголемија. Во руските населби се одржуваат паради, се веат советски знамиња, а се сомнева и дека кинеската истражувачка станица служи за шпионажа.
Градоначалникот Терје Ауневик вели дека би било наивно да се мисли дека не се собираат разузнавачки податоци. „Се разбира дека се собираат. Цел свет е опседнат со Арктикот.“
Националното надмудрување на Арктикот има своја цена. Автохтоните заедници, половина од кои живеат во рускиот дел, се чувствуваат занемарени.
Мијуки Даорана од Гренланд вели дека порано се смееле на амбициите на Трамп, но сега работите се посериозни. „Поради глобалната трка за ресурси, ова е многу посериозно.“
Таа и други го обвинуваат Западот дека ја користи климатската криза како изговор за узурпација на нивните територии. „Тоа го нарекуваме зелен колонијализам – земаат уште повеќе. За нас, Арктикот не е само академска тема. Тоа е наш живот, наша борба и секојдневна неправда. Политичарите треба да работат за народот. Но ние тоа не го гледаме. Само празни дипломатски зборови“, вели таа.