Пред три децении, Франција се соочи со растечки проблем — пластичен и пакувачки отпад што се таложеше на секој чекор. Од шишиња и амбалажи до картонски кутии, улиците и депониите беа преполни. Но наместо да го игнорираат проблемот, француските лидери направија нешто револуционерно: решија дека компаниите што го создаваат отпадот треба и да сносат одговорност за него.
Така се роди една од првите програми за проширена одговорност на производителот (EPR) — систем кој и денес ја позиционира Франција како пример за одржливо управување со отпад.
Што значи тоа во пракса?
Жан Хорнејн, директор на француската непрофитна организација Citeo, објаснува едноставно: „Секојпат кога компанија продава производ во пакување, плаќа мала такса. Колку потешко и поголемо пакување, толку поголема е и таксата.“
Овие средства — кои минатата година достигнаа 1,6 милијарди евра — не завршуваат во државниот буџет, туку се насочуваат директно за решенија: подобро рециклирање, кампањи против загадување, дизајн на еколошки пакувања и поддршка за општините. Тоа е целосен систем што не само што го намалува отпадот, туку и создава економија каде сè се користи повторно.
Сите плаќаме – но зошто тоа е добра работа
Да, признава Хорнејн, ваквиот систем ги зголемува трошоците за компаниите. Но додава: „Цената е само 1-2 евроценти по пакување. И тоа е далеку поевтино отколку трошоците што би ги имале ако дозволиме загадувањето неконтролирано да продолжи.“
Проблемот, вели тој, е што сè уште многу земји гледаат на природата како на бесплатен ресурс. „Не можеме да продолжиме да ја користиме планетата без лимити. Вистинската цена на пакувањето не е само материјалот, туку и штетата што ја предизвикува на животната средина.“
Тајната на францускиот успех
Една од клучните причини зошто моделот функционира е затоа што ужива поддршка од сите страни на политичкиот спектар. Компаниите, општините и граѓаните заеднички учествуваат во системот. Пари не се собираат како данок — тие се вложуваат директно таму каде што се најпотребни.
Иако секогаш има простор за подобрување, Хорнејн вели дека во Франција никој сериозно не го доведува во прашање системот. „Сите разбираме дека немаме друг избор. Мораме да го намалиме нашето влијание врз планетата. Ова е еден од најефикасните начини.“
Што можат да научат другите земји?
Според Хорнејн, добра програма за проширена одговорност на производителот мора да содржи четири нешта:
- Да биде задолжителна, за да нема конкуренција без фер услови.
- Да има државна контрола, така што сите компании навистина ќе плаќаат.
- Да ги вклучи сите засегнати страни – бизниси, општини, граѓани.
- Да биде транспарентна и долгорочна – парите не одат во буџет, туку се враќаат во заедницата.
Порака до светот
Додека се приближува Светскиот ден на животната средина на 5 јуни, Франција испраќа јасна порака: решенијата постојат, ако имаме волја да ги примениме. Иако не се бесплатни, долгорочно нè спасуваат и нас – и планетата.
Извор: UNEP