Според соопштението на Министерството за внатрешни работи на Хрватска, сите патници од трети земји на кои не им се потребни визи за влез во Европската Унија – меѓу кои се Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово – отсега ќе мора да користат посебно означени ленти при премин на границата.
„Ќе бидат воспоставени одделни премини за патниците кои подлежат на системот EES,“ соопшти МВР на Хрватска, додавајќи дека сите соседни држави биле навремено известени за новите процедури.
Долги редици и казни за погрешни премини
Новиот систем е воведен со цел да овозможи попрецизна електронска евиденција на влезовите и излезите од територијата на ЕУ и да ја засили безбедноста на границите. Сепак, првите денови на примената донесоа и проблеми со долги редици и конфузија меѓу патниците.
Некои патници пријавиле дека по навика се упатиле кон лентите означени со „пасош на ЕУ“, поради што добиле парични казни. Хрватската полиција потсетува дека само граѓаните на земјите-членки на Европската Унија, Шенген-зоната и ЕЕА смеат да ги користат тие премини.
Хрватска – тест зона за новиот систем
Како прва членка на ЕУ преку која транзитираат патниците од регионот, Хрватска стана тест подрачје за EES-системот, кој постепено ќе се применува на сите надворешни граници на Европската Унија.
Иако промените имаат за цел поголема ефикасност и безбедност, властите ги повикуваат сите патници, вклучувајќи ги и граѓаните на Северна Македонија, да планираат дополнително време за патување и да ги следат новите ознаки и инструкции на граничните премини.
Извор: Рацин