Хрватска во трка по сезонци: Недостигаат околу 65 илјади работници за туристичката сезона

Хрватска се соочува со недостиг од околу 65 илјади сезонски работници. Работодавците бараат кадар уште од јануари, со фокус на туризмот и угостителството.

Хрватска се соочува со сериозен недостиг од сезонска работна сила, поради што работодавците ја започнуваат потрагата по персонал сè порано. Проценките покажуваат дека за претстојната туристичка сезона ќе бидат потребни околу 65 илјади сезонски работници.

Ален Мрвац, специјалист за односи со јавноста во Alma Career Croatia / MojPosao, вели дека клучната фаза на регрутирање се одвива уште на почетокот на годината.

„Потрагата е најинтензивна во јануари и февруари. До крајот на февруари, многу работодавци веќе пополнуваат значителен дел од потребниот персонал. Позициите што остануваат празни подоцна се пополнуваат во итни ситуации, па затоа решенијата се бараат во април или мај“, објаснува Мрвац.

Според ХРТ, странските сезонски работници се бараат уште од октомври минатата година, со цел навреме да се обезбедат работните дозволи.

Директорот на Хрватското здружение на хотелиери, Бернард Зензеровиќ, нагласува дека побарувачката за работна сила е исклучително голема.

„Проценката е дека ни се потребни околу 65 илјади сезонски работници. Се трудиме што е можно повеќе да ги ангажираме од домашниот пазар, но тоа сè уште не е целосно изводливо. Очекуваме околу 15 илјади домашни сезонци, додека бројот на странски работници да остане на нивото од минатата година – околу 50 илјади“, вели Зензеровиќ.

Истражувањето на порталот MojPosao покажува дека домашните работници почесто се одлучуваат за сезонска работа доколку платите се 30 до 40 проценти повисоки во споредба со истите позиции во внатрешноста на земјата. Најбарани професии се готвачи, келнери, слаткари, собарки, рецепционери, аниматори и продавачи.

Мрвац посочува дека работодавците сè повеќе бараат квалитетен и искусен кадар.

„Се бараат високо квалификувани работници со искуство, кои носат додадена вредност и го подигнуваат нивото на услугата. Таквиот кадар е редок и мора да биде соодветно платен. Критериумите сепак се нешто пониски отколку претходно – на пример, таму каде што порано се бараа пет години искуство, сега се доволни три“, истакнува тој.

Во исто време, трошоците за работна сила значително растат.

„Од 2019 година до денес, платите во хотелската индустрија се зголемени за околу 75 проценти, додека приходите пораснаа за околу 58 проценти. Работодавците многу инвестираат во подобри услови за работа, квалитет на сместувањето и во обука на персоналот“, вели Зензеровиќ.

Иако странската работна сила останува неопходна, хрватските работодавци се обидуваат да вклучат и пензионери, ученици, студенти и невработени лица, со цел да го ублажат недостигот од работници за сезоната што следува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни