Хрватска денеска ја очекува ново влошување на времето, со силен ветер, дожд и црвен метео аларм за повеќе региони, особено на Јадранот, каде што ударите на бурата би можеле да достигнат и до 160 километри на час. Метеоролозите предупредуваат дека временските услови ќе бидат потенцијално опасни, особено за сообраќајот и за движењето на отворено.
Најизразен временски елемент ќе биде ветерот. Во континенталните делови ќе дува умерен до засилен северен и североисточен ветер, а во планинските предели се очекуваат и бурни налети. На Јадранот ќе преовладува силна и бурна бура, со оркански удари, особено долж северниот дел од крајбрежјето.
Поради таквите услови, издаден е црвен аларм за Ријачкиот и Сплитскиот регион, како и за подрачјата Кварнер, Кварнериќ и Велебитскиот канал. Во останатите делови од земјата, вклучително и Загреб, активни се жолти и портокалови предупредувања поради засилен ветер и нестабилно време. Дневните температури ќе останат пониски од вообичаените за овој период, од 6 до 11 степени во внатрешноста и од 12 до 17 степени на Јадранот.
Нестабилното време ќе продолжи и утре, кога повторно се очекуваат облаци, повремен дожд и силен ветер. На Јадранот бурата и натаму ќе носи силни, а на места и оркански удари, додека надлежните служби остануваат во состојба на готовност. Граѓаните се повикуваат внимателно да ги следат официјалните прогнози и предупредувања и да ги приспособат активностите на неповолните временски услови.