Холандски лекари поднесоа жалба против Snapchat поради продажба на нелегални е-цигари

Холандски лекари обвинуваат дека преку Snapchat младите и понатаму можат да купуваат нелегални е-цигари, и покрај забраната. Жалбата е поднесена според европските правила за дигитални платформи.

Холандски лекари поднесоа жалба против медиумската компанија Snap, сопственик на апликацијата за размена на пораки Snapchat, поради неуспех да преземе мерки за забрана на продажба на нелегални електронски цигари (вејпови), што, според нив, претставува прекршување на правилата на ЕУ за онлајн платформи, пренесува Euronews.

Портпарол на ACM – Органот за потрошувачи и пазари (надлежен за надзор на усогласеноста со Законот за дигитални услуги (DSA) во Холандија), потврди дека регулаторот ја примил жалбата.

„Во оваа фаза не можеме да коментираме за понатамошните чекори што би ги презеле; прво ќе го разгледаме барањето за спроведување,“ изјави портпаролот.

Доколку ACM реши да го преземе случајот, ќе мора да го проследи до Европската комисија.

Бидејќи Snap се смета за една од 25-те многу големи онлајн платформи (VLOP) според DSA – односно оние со над 45 милиони просечни корисници месечно во Европа – Европската комисија е надлежна за спроведување на законот.

Snap, основана во 2011 година, ги има своите седишта за ЕУ во Амстердам.

Лекарите, обединети преку групата Stichting Rookpreventie Jeugd (SRPJ), тврдат дека младите корисници на Snapchat сè уште можат да купуваат нелегални производи со никотин, и покрај ветувањата на платформата дека ќе ја запре продажбата на е-цигари.

Тие велат дека се во контакт со Snap во врска со проблемот и побарале подобрување на политиката на компанијата, но нивната истрага покажала дека младите и понатаму лесно можат да дојдат до овие производи.

„За жал, не постои ниту една безбедносна мерка или политика што може да ги елиминира сите закани онлајн или во реалниот свет. Затоа постојано ги прилагодуваме нашите стратегии, како што се менуваат тактиките на злоупотреба, и активно соработуваме со доверливи трети страни за да ги подобриме нашите системи,“ додаде портпаролот.

Според DSA, кој стапи во сила за најголемите платформи во 2023 година, сите онлајн платформи се должни да детектираат, обележуваат и отстрануваат нелегална содржина.

Холандија воведе забрана за продажба на е-цигари со ароми – кои често се промовираат како побезбедна алтернатива на традиционалните цигари – во јануари 2024 година, а продажбата на малолетници исто така е забранета. Според податоците на холандското Министерство за здравство, 25% од децата на возраст од 12 до 16 години во земјата користеле електронски цигари.

Во ноември 2023, Европската комисија испрати формално барање за информации до Snap во врска со заштитата на малолетници и дизајнот на нивните системи за препораки. Портпарол на Комисијата претходно само потврди дека Snapchat одговорил на поставените прашања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни