„Големите компании вложуваат во масовна замена на човечката работа со вештачка интелигенција, бидејќи токму таму се очекуваат најголемите профити,“ изјави Хинтон во интервју за „Блумберг“.
Иако индустријата со вештачка интелигенција сè уште не остварува добивка, инвестициите растат со невидено темпо. Само компанијата OpenAI има склучено инфраструктурни зделки вредни повеќе од еден трилион долари, а сепак пријавила загуба од 11,5 милијарди долари во последните три месеци.
На прашањето дали ваквите инвестиции можат да се оправдаат без уништување на работните места, Хинтон бил јасен: „Не верувам дека тоа е можно. За да се оствари профит, ќе мора да се замени човечкиот труд.“
Економистите предупредуваат дека токму човечкиот труд бил основата на пазарната економија уште од нејзините почетоци, а секој обид да се елиминира носи сериозни социјални последици. За капиталот, работниците претставуваат трошок – плати, услови и права кои ја намалуваат добивката. Затоа, вештачката интелигенција се гледа како решение што ги отстранува тие ограничувања.
Истражувачот Џејтан Садовски во својата книга „The Mechanic and the Luddite“ објаснува дека вештачката интелигенција „ветува решавање на проблемите на капитализмот преку елиминирање на трошоците за труд, оптимизација на ефикасноста и создавање бескраен економски раст“.
Хинтон сепак додава дека технологијата не мора нужно да донесе катастрофа. „Ова не е како нуклеарното оружје, кое постои само за лоши цели. Вештачката интелигенција може да направи огромно добро, особено преку зголемување на продуктивноста во многу индустрии,“ рече тој.
Сепак, тој предупредува дека сè зависи „од тоа како ќе го организираме општеството“. Ако профитот од напредокот се концентрира само во рацете на малкумина, последиците би можеле да бидат катастрофални за глобалниот пазар на труд.
Извор: Futurism