Химна

Општина Аеродром одлучила секој понеделник наставата во основните училишта да започнува со интонирање на државната химна.  Градоначалникот Муцунски  изјави дека целта на оваа одлука е да се подигне националното чувство и љубовта на децата кон сопствената земја но и да  се охрабрат да учат за македонската култура и традиција.  Дали оваа одлука навистина ќе доведе до зголемување на националното чувство или пак претставува само тренирање на послушност кај децата? Мислам дека постојат многу подобри начини за зајакнување на љубовта кон сопствената земја и култура од  тоа децата да стојат построени под звуците на химната. Еве неколку  предлози од мене до сите кои размислуваат како градоначалникот:

Секој понеделник наместо химната учениците да слушнат една македонска песна. Првата би можела да биде Војна од Архангел. Од нејзе можат да научат да бидат пацифисти кои ќе се борат за своите права на политички начин со преговори а не со оружје затоа што како што пее Вртев  “ Војна е девојка која нема милост ниту за еден свој љубовник” .   Освен тоа ќе ги слушнат и следниве зборови – “Ние бевме, ние сме само, послушни деца, построени под знамето. И се што бевме, бевме само во нашите срца, болни од илузии” . Како потсетник на некои времиња кога во училишниот двор стоевме под знамето слушајќи ја химната на државата која веќе не постои.

Во вторник наместо  да ја слушаат химната нека им се дадат ракавици на децата и нека научат да се грижат за заедничкиот  училишен двор. Нека го започат денот учејќи дека од сите нив зависи чистотата на оваа земја и грижата за зеленилото и природата. Во зависност од годишното време може да научат и да садат цвеќиња , дрвца или пак заеднички да го исчистат снегот, да ги соберат расфрлените и паднати лисја и да прават компост од нив итн. Убеден сум дека на тој начин ќе научат дека сопствената земја најмногу се сака ако навистина се грижиме за нејзината животна средина. Чиста и здрава животна средина , чист и убав училишен двор е нешто што е веднаш видливо и чувството за грижа кон сопствената земја е инстантно и сите ќе го почуствуваат за разлика од  апстрактноста на  химната.

Веднаш следниот ден, среда, може да се посети некое значајно место во Скопје или пак во населбата каде се наоѓа училиштето. На пример да се прошета покрај Вардар и да слушнат од учителите/ките зошто е значајна ова река, каков жив свет има и слично. Секако дека ќе видат и по некое пластично шише кое плови по него или некоја фрлена автомобилска  гума, но на тој начин ќе го поврзат наученото од претходниот ден за грижата за животната средина. Може да го посетат и популарното авионче во Лисиче и да им се раскаже за почетоците на македонската авијација. Сите знаеме дека децата се интересираат за авиони па таа приказна ќе им се допадне. Еднаш месечно може да се организира пешачење на Водно. Од сите овие активности децата ќе имаат повеќе придобивки. Ќе научат нешто за населбата во која живеат, за македонската историја, за географијата и природата на сопствената земја а во исто време ќе пешачат и ќе бидат во природа, што е значајно за нивното физичко и ментално здравје.

Секој петок нека биде посветен на македонската култура.  Децата може да посетат некоја од актуелните изложби во скопските музеи и галерии или пак некој друг културен настан. Се сеќавам при една дамнешна посета на Музејот на уметноста на 20 век во Милано, истиот беше полн со деца не постари од 6 години.   Секое дете во рацете носеше слика од некое дело кое требаше да го пронајде и да напише нешто за истото. Тоа им беше дадено како задача од училиштето. Оние кои веќе го пронашле делото седнати а повеќето легнати на подот пред делото, гледаа во него и запишуваа во тетратките. Си помислив, ете како се создава културата на еден народ.  Во Скопје постои и Театар за деца и младинци кој има извонреден репертоар.  Во моментов една од претставите која игра е “Што е силеџија?”  на македонските автори  Хана Миленковска и Горјан Милошевски . Во претставата  на прв план, се опфаќаат проблемите поврзани со врсничкото насилство поточно силеџиството во едно средно училиште. На втор план, всушност подлабоко вграден во самата драмска содржина, се прикажува проблемот на силеџиството во општеството како и на гневот што го носиме во себе кој предизвикува друг гнев.

Или пак може да се погледне претставата Франкештајн наменета за децата со наполнети 14 години. Оваа претстава ги истражува различните практики на дискриминација во општеството во кое живееме . Следејќи ги различните книжевни постапки од Франц Кафка па преку Пол Б. Пресијад и други, се занимава со прашањето на давање слобода на говор на оние на кои инаку не им е дозволено да зборуваат во јавниот простор .  Знаете, љубовта кон државата ќе постои само ако истата не ве дискриминира. Затоа е добро децата да ја погледнат и оваа претстава. Приметивте дека за  четврток не  дадов предлог. Нека остане четвртокот како ден за избор на самите ученици. Дајте им го денот ним и нека изберат една воншколска активност. Може ќе биде некој спорт, можеби ќе сакаат да погледнат филм, или пак да поканат некој од македонските писатели и писателки, поети, пејачи или пејачки на разговор во нивното училиште. Барем еден ден нека биде нивен.  Можеби стварно ќе посакат да ја слушаат македонската химна.  Можеби.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни