Хемикалија БПА откриена во цуцли на три познати европски брендови – некои серии повлечени од продажба

Хемикалијата бисфенол А (БПА), за која научниците предупредуваат дека може да предизвика пореметувања на хормоните, дебелина и појава на канцер, е пронајдена во цуцли за бебиња од три големи европски брендови – „Philips“, „Curaprox“ и „Sophie la Girafe“, покажува лабораториско истражување на чешката организација за заштита на потрошувачите dTest.

Истражувањето опфати 19 примероци купени во Чешка, Словенија и Унгарија, како и два примероци нарачани преку интернет-платформата Temu, произведени во Кина.

Од четирите цуцли во кои е детектиран БПА, највисока концентрација е измерена кај „Curaprox baby grow with love soother“, која, иако била означена како „BPA-free“, содржела 19 микрограми по килограм – речиси двојно над европската граница од 10 микрограми по килограм.

Во цуцлата „Sophie la Girafe“, направена од „природна гума“, е пронајдена концентрација од 3 микрограми, а во моделот „Philips Avent ultra air soother“ – 2 микрограми по килограм. Идентична количина е забележана и кај производот на кинеската компанија „Foshan City Saidah Baby Products“.

Сите овие производи беа рекламирани како „BPA-free“ или „природна гума“.

Компанијата Curaden, производител на „Curaprox“, призна дека резултатите ја изненадиле, но ги потврди по сопствена анализа и веднаш ги повлече спорните серии од продажба, нудејќи поврат на парите на потрошувачите.

Од „Philips“ соопштија дека понатамошните тестирања не покажале присуство на БПА, додека од францускиот производител „Vulli“, кој стои зад брендот „Sophie la Girafe“, изјавија дека вакви цуцли веќе не се во нивниот производен каталог, иако некои фотографии сè уште се појавуваат на интернет.

БПА е синтетичка хемикалија што се користи во пластиката, а поради својата структура слична на естрогенот, може да го имитира неговото дејство во човечкото тело. Според активистката Клои Топинг од организацијата Chem Trust, изложеноста на БПА е поврзана со:

  • рак на дојка и простата,
  • ендометриоза,
  • кардиоваскуларни заболувања,
  • дијабетес,
  • пореметувања во развојот на мозокот и однесувањето кај децата.

„Децата се особено ранлива група, затоа што нивните органи сè уште се развиваат и чувствителни се на хормонални нарушувања“, предупредува Топинг. Таа додава дека дури и минимални количини на БПА можат да предизвикаат долготрајни последици, особено доколку изложеноста започне во најрана возраст или дури во фетален период.

Европските здравствени регулатори очекуваат од производителите итно да спроведат дополнителни тестирања и да ги прилагодат стандардите за безбедност на бебешките производи.

Извор:Rts.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни