Хелсиншкиот комитет прослави 30 години постоење и заштита на човековите права во земјава

Хелсиншкиот комитет за човекови права оваа година прославува 30 години постоење, а го одбележаа денес, на Денот на потпишување на Универзалната декларација за човекови права.

Организацијата одржа свеченост на Правниот факултет во Скопје, каде што беа присутни професори, правници, претставници на граѓанските организации и на медиумите.

„Ние сме, сме биле и верувам дека  и во иднина ќе бидеме соочувани со предизвици, ризици и напади врз нашата егзистенција. Но тоа успешно го надминавме. Самата бројка од 30 години зборува за капацитетот и движечката сила која може да ги надмине сите предизвици и сите ризици за нејзиното постоење. На луѓето во  Хелсиншкиот комитет единствена цел секогаш им е борбата за каузата, а тоа е заштитата на човековите права. Не било секогаш лесно, ниту денес не е лесно, но преку своето дејствување успеавме секогаш да го следиме пулсот на граѓаните, на она што се случува во општествено политичкиот живот и точно да се насочиме на оние аспекти кои што директно ги погодуваат човековите права“ изјави извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

Таа додаде дека фокусот на организацијата секогаш бил свртен кон ранливите, маргинализираните и кон оние феномени кои директно ги загрозуваат човековите права. Таа го нагласи и значењето на платформите за следење на говорот на омраза и кривичните дела од омраза, кои од 2013 година постојат со поддршка на Мисијата на ОБСЕ.

Умер Ал –Катиб, раководител на Одделот за човекова димензија во Мисијата на ОБСЕ – Скопје рече дека овој јубилеј го отелоттворува духот на солидарноста што го води Хелсиншкиот комитет, кој има витален придонес во Македонија, Западен Балкан и генерално целиот балкански регион.

„ОБСЕ и Хелсиншкот комитет споделуваат исти вредности и во овие изминати 30 години нашето партнерство го издржа тестот на времето, Вашите напори да ги промовирате човековите права, владеењето на правото, толеранцијата се основа на соработката со Мисијата на ОБСЕ. Хелсиншкиот комитет помогна да се обликува јавниот дискурс и оставивте белег на политиките и законите кои ги одразуваат вредностите што ги негуваме“, исткана претставникот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

На свеченоста се објави и уставниот судија Осман Кадриу, поранешен претседател на Хелсиншкиот комитет кој истакна дека организацијата има место кое не може да се заобиколи кога станува збор за заштитата на човековите права, посебен придонес на Комитетот е за конкретните групи граѓани шиишто права успеал да ги заштити. Кадриу рече дека особено е придонесот на Комитетот за статусот на затворените лица, за застапеноста при вработувањето. Тој кажа дека Хелсиншкиот комитет има поднесено најголем број на барања и иницијативи до Уставниот суд, барајќи да се преиспитаат одредени закони и нивната усогласеност со Уставот на државата.

Професорот Гордан Калајџиев рече дека пред 20 и повеќе години мисијата на Комитетот била многу деликетна, бидејќу неговата улога била да даде придонес за централната идеја на правната држава да бидат човековите права и владеењето на правото.

„И тогаш и сега предизвик беше поделбата на власта – нешто што нашите политичари никогаш не го разбраа. Во тоа време се боревме за демократија и некои права кои денеска се сосема усвоени како правата на малцинствата, во тоа време фокус беа бруталноста на полицијата, независното судство и дадовме придонес поссодветно да се имплементираат овие права. Со тек на времето дојдоа на ред и другите права, како родовите права, семејното насилство, некои теми беа актуелни, некои ни ги наметнувавме иако не беа прифатени. Општеството растеше како што растевме и ние и станавме професионална организација“, рече Калајџиев и додаде дека невладиниот сектор ги презел и сите значајни истражувања од областа на човековите права.

Актуелната претседателка на Хелсиншкиот комитет, Неда Здравева рече дека само во изминатите четири години, Хелсиншкиот комитет успеал да обезбеди бесплатна правна помош за над 1000 граѓани, регистрирани илјадници  јавни говори на омраза и  неколку дела од омраза, напишал десетици соопштенија до јавноста истакнувајќи ги недостатоците во развојот на општествениот и политичкиот систем во државата и да ги повика властите совесно и одговорно да ја вршат својата работа во остварувањето и заштитата на човековите права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни