Хелсиншки комитет: Поголемиот дел од ЛГБТИ+ луѓето во земјава не се чувствуваат безбедно во средината во која живеат

Многу ЛГБТИ+ лица велат дека се чувствуваат небезбедно во својата средина, истакнувајќи дека се плашат од вознемирување и насилство, покажува Извештајот за потребите и приоритетите на ЛГБТИ+ луѓето во Република Северна Македонија, објавен од Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со ЛГБТК+ Виктори Институт и Коалиција Маргини.

Во извештајот се наведува дека повеќе од една третина од испитаниците преживеале физичко или вербално наислство поради нивната сексуална ориентација или родов идентитет. Притоа, дури 80 отсто од оние испитаници што доживеале насилство избрале да не го пријават тоа, посочувајќи дека немаат доверба во институциите и дека и да пријават, нема да добијат ниту заштита, ниту, пак, би бил откриен напаѓачот. Исто така, посочуваат дека ако пријават, ќе треба да се аутираат, а потоа долго време да одат од институција во институција и пак на крајот нема ништо да биде решено.

Дури 44 отсто од испитаните ЛГБТИ+ лица се соочиле со дискриминација на работното место, а многу кажуваа дека нивната сексуална ориентација или родов идентиет негативно влијаел врз нивниот напредок во кариерата. Според истражувањето, големо мнозинство од ЛГБТИ+ лицата немаат доверба во државните институции за да им ги заштитат правата, поради хомофобија и трансфобија помеѓу вработените во администрацијата.

Повеќе од половина од ЛГБТИ+ лицата кои учествувале во истражувањето се соочиле со предизвици при пристапот до здравствена заштита, вклучително и заштита на менталното здравје, поради дискриминација. Во извештајот се повикува на поинклуизвни здравствени политки за да се обезбеди еднаков пристап и за ЛГБТИ+ лицата.

Околу 60 отсто од ЛГБТИ+ лицата сметаат дека се социјално изолирано и не може да бидат отворени за својата сексуална ориентација или родов идентитет, а недоволната репрезентација во културните настани и во мејнстрим медиумите придонесува за дополнителна стигма и дискриминација кон нив.

Во извештајот организациите ја истакнуваат потребата за подобрени законски процедури, подобрена здравствена заштита, како и пошироко општествено прифаќање за да се адресираат предизвиците со кои се соочува ЛГБТИ+ заедницата во Северна Македонија. За да се креира поинклузивно општество потребни се посериозни анти-дискриминаторски закони, кампањи за подигнување на јавната свест, но и обезбедување на еднаков пристап до здравствена заштита и социјални служби за ЛГБТИ+ лицата.

Извештајот е изработен во рамките на проектот „Политичко оснажнување на ЛГБТИ луѓето“ имплементиран од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје во партнерство со ЛГБТК+ Виктори Институт и Коалиција Маргини, а финансиски подржан од страна на УСАИД. Авторки на истражувањето се вонр. проф. д-р Ангелина Станојоска и м-р Ина Џугуманова.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни