Helicobacter pylori: Кога болката во стомакот станува сигнал за тестирање

Болката во стомакот понекогаш може да биде нешто повеќе од обична непријатност – таа може да биде сигнал дека во вашето тело се кријат бактерии кои заслужуваат внимание.

Микроорганизмот познат како Helicobacter pylori, или едноставно Хеликобактер, е грам-негативна бактерија која ја колонизира слузокожата на желудникот. За повеќето луѓе, присуството на оваа бактерија не предизвикува сериозни проблеми, но нејзините вирулентни соеви се одговорни за хроничен гастритис, чиреви, па дури и за одредени видови на рак на желудник.

Денес, повеќе од половина од светската популација е заразена со Хеликобактер. Сепак, болестите се јавуваат само кај оние кои носат поопасни соеви, вели специјалист по микробиологија со паразитологија.

Како се пренесува оваа бактерија?

Природен резервоар на Х. pylori е човекот. Бактеријата може да преживее во вода и млеко, што овозможува пренос преку храна и пијалаци, но и директен контакт. Најчестите патишта на инфекција се:

  • фекално-орално
  • орално-орално
  • од пациент на пациент (особено при недоволна стерилизација на гастроскоп)

Инфекцијата е почеста кај постари лица, но никој не е целосно имун.

Првите знаци на инфекција

Кога Хелико бактеријата ќе почне да ја нарушува слузокожата на желудникот, симптомите можат да бидат различни:

  • болка и непријатност во горниот дел на стомакот
  • чувство на надутост, дури и после мала количина храна
  • губење на апетит
  • мачнина и повраќање
  • темна или катранеста столица
  • замор и слабост, особено ако чирот крвари

Дури и ако не ги почувствувате овие симптоми, но имате фамилијарна историја на рак на желудник, експертите советуваат тестирање на Х. pylori.

Дијагноза и откривање

Лекарите можат да ја дијагностицираат инфекцијата на два начина – микробиолошки или хистолошки.

  • Микробиолошки тестови се изведуваат преку крв или столица, најчесто со ELISA метод за откривање на IgA и IgG антитела или антигени на Х. pylori.
  • Хистолошки тестови се вршат преку биопсија земена при гастроскопија.

Како бактеријата делува на желудникот

Х. pylori создава различни ензими и токсини кои ја оштетуваат слузокожата:

  • Уреаза – овозможува преживување во кисела средина
  • Амонијак – токсичен за епителните клетки, води до ерозија и улцерации
  • VacA – цитотоксин кој создава оштетувања на клетките
  • CagA – протеин кој служи како серолошки маркер за вирулентни соеви

Други ензими и токсини исто така придонесуваат за оштетување на желудочниот епител.

Лекување и терапија

Добрата вест е дека Х. pylori е осетлива на бројни антибиотици. Најчесто користени се:

  • амоксицилин
  • нитрофурантоин
  • офлоксацин
  • еритромицин
  • тетрациклини

Понекогаш се применуваат и препарати на базата на бизмут во комбинација со метронидазол и амоксицилин, кои успешно ја ерaдиктираат бактеријата.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни