Хеда Габлер, претставата работена по текст на авторот Хенрик Ибзен утре (среда) во 20 часот е на репертоарот на Драмски театар Скопје, на сцената „Ристо Стефановски“. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова – Петровска и Васил Христов. Костимите се на костимографката Розе Трајчевска – Ристоска.

Улогите ги играат актерите на Драмски театар Скопје: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула и ликовите на Госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.

Режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата го истакнува следното: „Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајки уште еден женски лик кој отстапува од востановените општествени норми.

Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хериоини во драмската литература одигрува значајна улога во подигнување на свеста за женските прашања.

Ибзен создава женски лик кој одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество.

Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“ да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага кој ја симболизира борбата за родови права и еднаквост“.