HBO Max и Paramount+ ќе се обединат во единствена стриминг услуга по финализирањето на спојувањето на нивните матични компании – Warner Bros. Discovery и Paramount Global. Веста ја соопшти извршниот директор на Paramount, David Ellison, за време на разговор со инвеститори, пренесува CNN.
Една услуга со над 200 милиони претплатници
Елисон изјави дека во наредните години ќе се спојат стриминг портфолијата на двете компании во „една посилна платформа“. Во моментов, двете услуги заедно имаат повеќе од 200 милиони директни претплатници во над 100 земји.
Сепак, реалната бројка најверојатно ќе се намали по обединувањето, поради преклопување на корисници кои се претплатени на двете платформи. Paramount ја заврши четвртата квартала со 78,9 милиони претплатници, додека Warner Bros. Discovery пријави 131,6 милиони.
За споредба, Netflix неодамна објави дека надминал 325 милиони претплатници. Претходно, ко-извршниот директор Ted Sarandos изјави дека 80% од претплатниците на HBO Max имаат и Netflix сметка.
Обединување на популарни франшизи
Новата заедничка платформа ќе ги обедини некои од најпознатите франшизи: „Game of Thrones“, „The Sopranos“, „Yellowstone“ и „Star Trek“
Името на новата услуга сè уште не е објавено, но се очекува уште едно ребрендирање на платформата на WBD, која минатото лето повторно го врати името HBO Max по двегодишното користење на називот Max.
Што ќе се случи со CNN?
Како дел од договорот, Paramount ќе го преземе и CNN. Елисон изјави дека засега не се планира продажба на кабелските канали, што значи дека тие ќе останат во рамки на компанијата.
Останува нејасно дали новата стриминг платформа на CNN ќе продолжи самостојно или ќе биде интегрирана во заедничката услуга.