Хашка правда по две децении: Прва пресуда за злосторствата во Дарфур – осуден водач на Џаџавид

Меѓународниот кривичен суд во Хаг го прогласи за виновен Али Мухамед Али Абд Ал Рахман, познат и како Али Кушајб, за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во суданскиот регион Дарфур пред повеќе од 20 години. Ова е првата пресуда на Судот за масовните злосторства во Дарфур.

Судскиот совет составен од тројца судии едногласно утврди дека Кушајб е виновен по 27 точки од обвинението, вклучително и масовни убиства, силувања и прогони на цивилно население. Тој бил еден од главните команданти на паравоената милиција Џаџавид, која делувала со поддршка од тогашниот судански режим на претседателот Омар ал Башир.

„Издавал наредби што довеле до убиства, силувања и разурнување. Тој бил клучна фигура во бруталните операции на Џаџавид“, изјави претседателката на судечкиот совет, Џоана Корнер.

Кушајб ја слушаше пресудата во судницата без да покаже емоции, облечен во костум со вратоврска и слушалки за превод. Казната допрва ќе му биде изречена, а според правилата на Судот, може да добие доживотен затвор.

Тој се предаде на властите на Централноафриканската Република во 2020 година, а судењето започна во 2022. На почетокот се изјасни за невин и тврдеше дека не е Али Кушајб, но судот ја отфрли таа одбрана – повикувајќи се на видео-снимка и изјави со кои самиот се идентификувал под тоа име и прекар.

Злосторствата во Дарфур

Конфликтот во Дарфур започна во 2003 година и резултираше со најмалку 300.000 убиени и околу 2,7 милиони раселени. Џаџавид милицијата беше позната по брутални напади врз цивилни села, често во раните утрински часови, на коњи и камили, во координација со суданските воздушни сили.

Претседателот Омар ал Башир, кој сè уште е обвинет од МКС за геноцид и злосторства против човештвото, не е екстрадиран во Хаг. Моментално се наоѓа во воен затвор во северен Судан.

Повторно насилство и воен конфликт

Од 2023 година, Судан се соочува со нова граѓанска војна – овојпат меѓу суданската војска и т.н. Сили за брза поддршка (RSF), милиција што произлезе токму од Џаџавид. Иако порано беа сојузници во соборувањето на Башир во 2019 година, денес се во крвав конфликт за контрола врз државата.

Пресудата против Али Кушајб доаѓа во момент кога насилството повторно ескалира, оставајќи отворено прашање – дали оваа пресуда ќе биде само симболична, или почеток на вистинска меѓународна правда за жртвите во Дарфур и пошироко.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни