Вториот најголем град во Украина, Харков, остана без електрична енергија по масовен руски напад со дронови и ракети извршен доцна синоќа, во услови на тешка зима и ниски температури. Истовремено, во ноќниот напад врз јужниот град Одеса повредени се најмалку 23 лица, соопштија украинските власти.
Нападот врз Харков предизвика значителна штета на енергетската инфраструктура, поради што големи делови од градот и поширокиот регион останаа без струја. Според регионалните власти, повредени се две лица, а оштетени се и две училишта. Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат дека милионскиот град, кој се наоѓа на околу 30 километри од руската граница и често е мета на напади, бил целосно завиен во темнина.
Украинското воздухопловство соопшти дека руските сили лансирале вкупно 165 дронови, од кои 135 биле неутрализирани од противвоздушната одбрана. Сепак, дел од нападите погодиле клучни објекти од енергетскиот систем, предизвикувајќи сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија.
Според официјалните информации, околу 80 проценти од Харков и Харковската област се без струја. Надлежните служби работат на санација на штетите, но постојаната закана од нови воздушни напади значително ги отежнува напорите за нормализација на состојбата.
Покрај Харков, Русија извршила и масовен напад со дронови врз Одеса. Во нападот се повредени најмалку 23 лица, од кои девет се хоспитализирани, меѓу нив и две деца и една бремена жена. Според локалните власти, постои можност под урнатините сè уште да има затрупани лица.
Во Одеса се оштетени десетици станбени објекти, како и црква, градинка и средно училиште. Нападите предизвикале и големи пожари на неколку локации низ градот. Одеса и поширокиот регион, во кој се наоѓаат клучни украински црноморски пристаништа, во последните недели се меѓу најчестите цели на руските напади.
Напади врз енергетската инфраструктура се регистрирани и во соседната Миколаевска област, каде што е повредена 59-годишна жена. Исто така, во западната Лавовска област, која граничи со членка на НАТО, Полска, погоден е еден инфраструктурен објект.
Украинските власти предупредуваат дека нападите врз енергетските системи имаат за цел дополнително да ја влошат хуманитарната состојба во земјата во текот на зимските месеци, додека воздушната закана останува постојана низ повеќе региони.
