Албанската полиција употреби водни топови и солзавец за да го растера антивладиниот протест во Тирана, организиран од опозицијата предводена од поранешниот премиер Сали Бериша. Демонстрантите фрлаа огномет и импровизирани молотови коктели кон зградата на владата, што предизвика жестока интервенција на безбедносните сили.
Илјадници поддржувачи на Демократската партија се собраа пред Советот на министри барајќи оставка од премиерот Еди Рама.
„Ќе ја спасиме Албанија од Еди Рама, кој ја фрли земјата во сиромаштија и корупција. Тој е политички труп“, изјави 81-годишниот Бериша пред насобраните граѓани. Неговиот говор беше прекинат кога дел од демонстрантите започнаа со фрлање огномет кон владината зграда.
По првата интервенција на полицијата, Бериша ги поведе демонстрантите кон парламентот. Таму повторно беа пресретнати од специјалните полициски сили за разбивање нереди, што дополнително ги зголеми тензиите во главниот град.
Политичката сцена во Албанија со години е обележана со остри судири меѓу левицата и десницата, кои меѓусебно се обвинуваат за корупција и поврзаност со организиран криминал.
Тензиите дополнително се продлабочија во ноември, кога вицепремиерката Белинда Балуку, блиска соработничка на Рама, беше разрешена поради истрага за наводна корупција поврзана со јавни набавки за инфраструктурни проекти. Таа ги отфрли обвинувањата.
Под истрага се и неколку поранешни министри од владите на Рама, додека и самиот Бериша во минатото се соочуваше со обвиненија за неправилности во јавни набавки – обвиненија што тој ги негира.
Синоќешните настани во Тирана уште еднаш покажаа колку длабока е политичката поларизација во земјата и дека кризата меѓу власта и опозицијата влегува во нова, поостра фаза.