Иранскиот врховен лидер ајатолах Моџтаба Хамнеи ги одбил предлозите за намалување на тензиите или за прекин на вооружениот конфликт со САД, кои Техеран ги добил преку две посреднички земји, изјави денеска висок ирански функционер, пренесува Ројтерс.
Ставот на Хамнеи за одмазда кон САД и Израел бил „многу тврд и сериозен“ на првиот состанок посветен на надворешната политика, навел неименуваниот функционер, без да прецизира дали Хамнеи лично присуствувал на состанокот.
Истиот извор навел дека врховниот лидер изјавил дека „не е време за мир сè додека САД и Израел не ‘клекнат на колена’, не го признаат поразот и не платат отштета“.
Три извори на 14 март за Ројтерс изјавиле дека американската администрација ги одбила напорите на блискоисточните сојузници за започнување дипломатски преговори насочени кон завршување на војната во Иран.
Од почетокот на американско-израелската војна против Иран на 28 февруари загинале најмалку 2.000 лица, а крајот на конфликтот сè уште не е на повидок.
Ормутскиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, останува затворен, а американските сојузници го одбиле барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за помош во неговото повторно отворање. Ова дополнително ги зголеми цените на енергенсите и ги засили стравувањата од инфлација.