Ел Хаја го повика претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, како клучен посредник во мировните преговори, да изврши притисок врз Израел да се придржува до договорените услови на примирјето, пренесува агенцијата Ројтерс.
Неговата изјава следува по убиството на високиот командант Раед Саид, кое Хамас го оцени како најзначаен атентат врз висок функционер на движењето од почетокот на примирјето во октомври. Илјадници приврзаници на Хамас се собраа во градот Газа на погребот на Саид и на уште тројца негови соработници кои загинаа заедно со него, обвинувајќи го Израел за нападот. Присутните извикуваа пароли и ги носеа телата во ковчези покриени со знамињата на Хамас.
Во телевизиско обраќање, Ел Хаја, кој живее во егзил, го потврди убиството на Саид и изјави дека „континуираните прекршувања на договорот за прекин на огнот од страна на Израел, како и последните атентати насочени кон Саид и други, сериозно ја загрозуваат одржливоста на договорот“.
„Ги повикуваме посредниците, а особено главниот гарант, администрацијата на САД и претседателот Доналд Трамп – да работат на тоа Израел да биде обврзан да го почитува примирјето и да се придржува до договорот“, рече Ел Хаја.
Израелските власти тврдат дека Раед Саид бил еден од клучните организатори на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година, кој го означи почетокот на војната во Појасот Газа.
Хамас сè уште нема именувано нов главен лидер по убиството на поранешниот водач на групата, Јахја ел Синвар, во 2024 година. Оттогаш, движењето го води петчлен висок совет на раководството, во кој членува и Ел Хаја.
И покрај примирјето, израелската војска и понатаму го контролира источниот дел од Појасот Газа, додека Хамас има воспоставено контрола врз западниот дел од територијата, каде што живеат околу два милиони луѓе.
Извор: N1info.rs