Според најавите, преговарачите на Хамас и израелската делегација ќе бидат сместени во иста зграда во Шарм ел Шеик, но преговорите ќе се водат без присуство на медиумите.
Хамас бара целосен прекин на израелските воени операции во Појасот Газа и повлекување на израелските трупи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, го условува напредокот во разговорите со целосно ослободување на сите израелски заложници.
„Наместо Израел да биде изолиран, сега Хамас е изолиран. Под воен и дипломатски притисок, беа приморани да го прифатат нашиот план“, изјави Нетанјаху, додавајќи дека дал инструкции до делегацијата предводена од министерот Дермер да ги финализира техничките детали за ослободување на заложниците.
Тој нагласи дека намерата на Израел, како и на американските сојузници, е преговорите да траат само неколку дена, и дека нема да се толерираат одложувања или одбегнување од страна на Хамас. Претседателот на САД, Доналд Трамп, исто така изјави дека Хамас мора да делува брзо, или „сите опции ќе бидат на маса“.
Европа се надева на резултати
Европската Унија изрази надеж дека разговорите ќе резултираат со трајно примирје. Во Египет патува и германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, кој изјави дека постои „значајна можност“ за постигнување мир и ослободување на германските државјани кои се меѓу заложниците.
„Суштински е важно Европа и Германија да дадат свој придонес во финалната фаза од процесот“, изјави Вадефул.
Борбите продолжуваат и покрај надежите за примирје
И покрај дипломатските напори, бомбардирањето на Газа продолжува. Израелската армија во последните 24 часа извела 93 напади, при што загинале најмалку 70 Палестинци, според извори од Газа.
Израелската влада тврди дека не станува збор за примирје, туку за привремено прекинување на одредени операции, додека армијата се подготвува за првата фаза од американскиот план за прекин на војната.
„Се надеваме дека оваа фаза ќе заврши, дека ќе се постигне примирје и ќе се вратиме во Газа, и покрај рушевините. Нема ништо повредно од нашата татковина“, изјави една Палестинка од Газа.
Извор: N1info.rs