Неколку канали на иранската државна телевизија денеска беа хакирани, при што за време на редовната програма беа пуштани видеоснимки од масовни протести и пораки со повик на востание.
Во хакираните содржини се појави Реза Пахлави, син на последниот ирански шах и лидер во егзил, кој ги повика граѓаните да им се приклучат на протестите и ја повика иранската војска да застане на страната на демонстрантите.
Повик за премин на безбедносните сили
Во видеопораките, Пахлави апелираше до припадниците на вооружените сили да не ги бранат властите, туку да ја поддржат, како што рече, „волјата на народот“ и барањата за политички промени.
Снимките вклучуваа сцени од улични протести, судири со безбедносните сили и пораки насочени кон мобилизација на поширок отпор низ земјата.
Сателитот Бадр цел на нападот
Според достапните информации, иранската државна радиотелевизија за пренос на повеќе регионални канали се потпира на комуникацискиот сателит Бадр, кој бил цел на хакерскиот напад.
Бадр е серија сателити во сопственост на саудиската компанија Arabsat, а за Иран има клучно значење бидејќи овозможува истовремено емитување на државната програма до милиони гледачи низ земјата.
Ново влошување на безбедносната криза
Хакерскиот инцидент доаѓа во момент на сериозна политичка и безбедносна нестабилност во Иран, обележана со масовни протести, репресија од властите и зголемен меѓународен притисок.
Иранските власти засега официјално не соопштија кој стои зад нападот, ниту дали емитувањето целосно е ставено под контрола.