Хакерскиот напад кој вчера го урна Инстаграм-профилот на N1 Србија е нов, сериозен сигнал за односот кон медиумите во момент кога кризата во Србија ескалира и јавноста бара брзи, точни и независни информации. Каналот кој со години важи за еден од најрелевантните извори на неконтролирани и непартизирани вести, беше исклучен по, како што соопшти редакцијата, „координиран, масовен хакерски напад“.
Според N1, веднаш по нападот била контактирана техничката поддршка на Meta и се работи на враќање на профилот. Но овој инцидент, истакнуваат од таму, не е изолиран – напротив, дел е од поширок бран притисоци врз независните медиуми и граѓанските иницијативи во Србија. Во последните недели беа компромитирани профили на студентски групи поврзани со блокадите, а профилот на движењето „Крени промени“ исчезна само неколку дена претходно.
Истото сценарио, само со друга форма, се случи и кај нас. Пред две недели, редакцијата на „Слободен печат“ беше мета на масовен напад со илјадници координирани бот-коментари. Под една објава за неколку секунди беа испратени над 100 идентични коментари од сомнителни профили, главно од странство. Ситуацијата продолжи и на следните објави, со стотици нови коментари чија единствена цел беше да го активираат алгоритамот на Meta и да предизвикаат „shadow ban“ – ограничување на видливоста на објавите.
Двете ситуации — во Белград и во Скопје — имаат една заедничка опасна точка: криза на доверба и координирани обиди да се замолчат медиуми кои известуваат критички, брзо и без цензура. Во Србија, каде политичката ситуација е особено напната, гасењето на профилот на N1 доаѓа во момент кога граѓаните масовно се информираат преку социјалните мрежи, особено кога другите институционални канали се под притисок или контрола. Затоа борбата за дигитална видливост е всушност борба за демократија, транспарентност и право на јавноста да добие точни и проверени информации.
Овој тип дигитални напади, кои вклучуваат ботски фарми, координирани хакерски операции и манипулација на алгоритми, веќе не се технологија на иднината — тоа е реалност. Како што предупредуваат меѓународни организации за медиумски слободи, новата цензура не се спроведува со затворање редакции или забрани на весници, туку со дигитални напади што ја гасат видливоста и ја нарушуваат довербата.
Во Македонија, случајот со „Слободен печат“ покажа уште една важна лекција: дека заштитата на медиумите повеќе не зависи само од институциите, туку од самата публика. Кога 8.000 луѓе реагираат за да спречат цензура, тоа станува колективен отпор и знак дека медиумската заедница не е сама. Информацијата се шири побрзо од нападите – ако постои критична маса што разбира колку е важна нејзината улога.
Во време на криза, кога секоја секунда е важна, јавноста мора да има пристап до проверени и брзи извори. Затоа N1 во Србија, „Слободен печат“ во Македонија и други независни редакции играат клучна улога. Ако тие бидат исклучени од дигиталниот простор, граѓаните ќе останат без алатки да го разберат моментот во кој се наоѓаат.
Редакцијата на TRN.mk искажува целосна поддршка и солидарност со сите медиуми во регионот кои се соочуваат со дигитални напади, и предупредува: слободата на говорот денес се брани на интернет, каде секој клик, споделување или пријавување злоупотреба е чин на отпор.
