Неколку десетици летови од московскиот аеродром беа откажани денес поради сајбер напад од страна на проукраински хакерски групи, соопштија властите.
Руската државна авиокомпанија „Аерофлот“ објави дека 60 летови од аеродромот Шереметјево се откажани поради прекини во ИТ системите. Експертите работат на рестартирање на серверите за да може да продолжи воздушниот сообраќај, додава „Аерофлот“. Кремљ ги нарече извештаите поврзани со прекинот на воздушниот сообраќај вознемирувачки.
„Хакерските закани претставуваат опасност за сите големи авиокомпании“, изјави портпаролот Дмитриј Песков. Проукраинските хакери од групите „Силент роу“ и „Сајбер партизани“ ја презедоа одговорноста за нападот. Тие потврдија дека подготовките за нападот врз „Аерофлот“ траеле една година.
Домашниот и меѓународниот воздушен сообраќај е во прекин
Руското Генерално обвинителство започна истрага за нелегален упад во компјутерски системи. Украинските медиуми објавија изјави на хакерите за нивниот „стратешки удар“ врз Аерофлот, велејќи дека тие ја презеле контролата врз целата ИТ инфраструктура и уништиле 7.000 сервери.
Тие исто така тврдат дека собрале 12 терабајти податоци и дека испратиле порака до ФСБ и другите агенции за сајбер безбедност во Москва дека не се во можност да ја заштитат критичната ИТ инфраструктура. Кибер нападот го наруши и домашниот и странскиот воздушен сообраќај на Шереметјево.