Гушкањето ублажува неколку здравствени состојби

Физичкиот контакт е неопходен за луѓето да останат здрави, а пријатниот допир помага и при болести: ја ублажува болката, депресијата и стравот.

Според резултатите од една нова студија, мета-анализа на податоците на повеќе од 10.000 луѓе, научниците дошле до заклучок дека допирите генерално имаат позитивен ефект врз здравјето – под услов да бидат заемно прифатени и пријатни.

Истражувачите од Бохум, Дуизбург, Есен и Амстердам покажаа дека допирот е особено ефикасен во ублажувањето на болката, депресијата и стравот.

Невробиолошкото објаснување е следново: Делот од мозокот каде се обработуваат кожните сензации е директно поврзан со амигдалата, позната и како центар на страв на мозокот – областа каде што стравовите се појавуваат и се обработуваат. Допирот го намалува ослободувањето на хемикалии кои предизвикуваат стрес.

„Тоа е дел од чувството на удобност и релаксација“, вели професорот Мартин Корте, невробиолог од Техничкиот универзитет во Брауншвајг во интервју за АРД.

Исто така, пријатниот допир на кожата го намалува ослободувањето на хормоните на стресот адреналин и норадреналин – луѓето се смируваат, пулсот се забавува, а притисокот мерливо опаѓа.

Допирот е особено важен за предвремено родените бебиња. Нивните органи за дишење се сè уште недоволно развиени и нивното дишење може да престане до 20 пати во еден час. Потоа помага допир на стапалата или по должината на ‘рбетот – и бебето повторно почнува да дише.

На одделот за интензивна нега за предвремено родени бебиња во болницата Асклепиос на северот од Хамбург, тим од лекари под водство на педијатарот и специјалист за интензивна нега, д-р Сузана Шмитка, прави се за да спречи појава на овие проблеми со дишењето.

Најважно е дека, секогаш кога е можно, бебињата да се во прегратките на нивната мајка или татко, наместо во инкубатор – иако тоа носи одредени ризици за предвремено родените бебиња кои се поврзани со медицински помагала со бројни цевки.

Овој концепт на ран и чест контакт со бебиња, кои често тежат само неколку стотици грама, значително го намалува бројот на итни случаи. „Очигледно, ваквата ситуација го стабилизира ритамот на дишење кај бебињата, па тие дишат многу подобро“, забележува д-р Шмитке.

Контактот кожа на кожа дополнително ја зајакнува врската помеѓу родителот и детето. Познат е методот „кенгур“, кој подразбира носење на новороденчето што поблиску до телото Во првите недели и месеци, интензивниот контакт со детето ги поставува темелите за здрав раст – и физички и психички.

„Докажано е дека лежењето со часови на кожата на родителите го подобрува животот на бебињата“, вели д-р Шмитке. Блискиот контакт исто така им овозможува на децата да стекнат заштитни бактерии од кожата на нивните родители. Дополнително, допирот и контактот со родителите помагаат да се развие здрав цревен микробиом – добри бактерии, габи и вируси – во раните фази од животот.

А мета-анализата на истражувачите од Бохум, исто така, покажува дека бебињата и малите деца имаат многу позитивни ефекти од гушкањето на нивните родители, значително повеќе од допирите од медицинскиот персонал.

Кај возрасните, вели психологот и автор на студијата Џулијан Пукхајзер, не е толку важно дали допирот доаѓа од познати или непознати лица, на пример за време на масажа. Клучот е да се активира лачењето на хормонот за „гушкање“ – окситоцин.

„Се додека тој хормон се лачи, допирот секогаш има позитивен ефект врз здравјето. А хормонот почнува да се лачи по само 15 до 20 секунди допир. Тоа не мора да биде масажа од 20, 30 или дури 60 минути – што многу луѓе дури и не можат да си ја дозволат. Поважна од должината е зачестеноста на допирите“.

Сепак доколку сами се допирате тоа не помага во лачење на хормоните, вели невробиологот Мартин Корте.

Од друга страна, допирите од роботи, играчки или перници докажано имаат позитивен ефект, иако не толку силни како човечките допири.

Мартин Корте објаснува дека луѓето реагираат на допир сè додека тој е нежен и сличен на оној што го дава друг човек. И многу е важно допирите на роботот да не се целосно предвидливи.

Психологот од Бохум, Џулијан Пукхајзер, гледа голема можност во овие резултати. Со оглед на сè постарата популација и постојаниот недостиг на персонал во домовите за стари лица, ваквите помагала можат да бидат добар додаток за подобрување на здравјето на жителите на тие институции.

Сепак, Пукхајзер советува дека оние кои имаат можност повремено да ги гушкаат пријателите или членовите на семејството. Не само за емоциите, туку и за здравјето.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни