На сцената настапија членовите од оригиналната постава – вокалот Аксел Роуз, гитаристот Слеш и басистот Даф Мекејган, а публиката беше во делириум за време на изведбата на најголемите хитови „Sweet Child of Mine“, „November Rain“, „Don’t Cry“, и – како кулминација – „Paradise City“.
Guns N’ Roses ги изненадија присутните и со неколку одлични обработки: „Live and Let Die“ од Пол Мекартни, „Knockin’ on Heaven’s Door“ од Боб Дилан и „New Rose“ од The Damned, во која пее Мекејган. Дел од сетлистата беа и класиците „It’s So Easy“, „You Could Be Mine“, „Civil War“, „Used to Love Her“, „Mr. Brownstone“ и многу други, при што се истакна виртуозното свирење на Слеш.
На сцената им се придружија и гитаристот Ричард Фортис, клавијатуристите Дизи Рид и Мелиса Рис, како и новиот тапанар Ајзек Карпентер, кој го замени Френк Ферер.
Иако групата помина низ бурни времиња и промени во поставата, особено по напуштањето на клучни членови по албумот “The Spaghetti Incident?” (1993), повторното обединување на Аксел, Слеш и Даф во 2016 година донесе нова енергија и уште попрофитабилни турнеи.
Како предгрупа настапи легендарниот хип-хоп состав Public Enemy, кои ја загреаја публиката со динамичен и полн со енергија сет.
Ова беше трето гостување на Guns N’ Roses во Србија – по настапите во 2010 година во Белградската арена и во 2012 на фестивалот Егзит. Сепак, концертот на Ушче останува запаметен како еден од најголемите и најемоционалните до сега.