Акции има, а ѓубрето се враќа – Скопје без трајно решение

Преполни контејнери, диви депонии и неисчистени улици низ повеќе скопски населби – сликата на терен го отвора прашањето дали хигиената на градот е навистина приоритетно прашање

Скопје чисто никако да никне.  Пред влезовите на зградите и покрај парковите отпадот стои како потсетник дека системот за јавна хигиена сè уште не функционира.  До контејнерите се стигнува преку распослани ќеси, картони, расфрлан отпад и траги од животни што веќе го „пребарале“ она што не било собрано навреме. 

На повеќе локации низ Скопје сликата е слична: преполни контејнери што не се испразнети со денови, импровизирани диви депонии покрај тротоари и зелени површини и улици што не паметат кога последен пат биле измиени.

Во Кисела Вода, Автокоманда и Карпош контејнерите се полнат уште од раните утрински часови, а до пладне ѓубрето веќе се прелева надвор од нив. Кесите се кинат, остатоците се лепат на асфалтот, а мирисот останува во воздухот како тивок потсетник дека редовното одржување повторно доцни.

Додека во некои држави се развиени системи за селектирање и санкционирање на отпадот како дел од интегрираната политика за управување со ѓубрето, во Скопје се воведоа само парцијални забрани без видлив резултат на терен. Советот на Град Скопје усвои одлука со која е забрането фрлање ѓубре во контејнерите од 22:00 до 06:00 часот, а прекршителите се соочуваат со парична казна од околу 50 евра за физички лица и значително повисоки казни за правни лица и компании.

Кисела Вода

И покрај воведувањето на оваа ноќна забрана и санкции што веќе стигнаа до десетици казнети граѓани, реалноста со преполни контејнери, диви депонии и отпад што стои денови на улиците сè уште доминира. Ова ја отвора дилемата дали забраните и казните воопшто се доволни без системски пристап што ќе вклучи и контролирање, селекција, редовно празнење и едукација на јавноста – наместо само правно-регулаторни мерки.

Диви депонии како нова урбана реалност

Проблемот не е само во редовното празнење на контејнерите. Низ периферните делови на градот, но и во поширокиот центар, се формираат диви депонии – на празни парцели, покрај реки, зад згради, на места што стануваат „привремено решение“ за нечие ѓубре.

Еднаш расчистени, по неколку дена повторно се појавуваат. Без контрола, без казни, без систем што ќе спречи повторување.

Според анализи на World Health Organization и United Nations Environment Programme, дивите депонии претставуваат сериозен ризик за јавното здравје и животната средина. Непрописно одложениот отпад ослободува штетни гасови, привлекува глодари и инсекти и може да доведе до контаминација на почвата и подземните води. Дополнително, согорувањето на отпад на отворено која е честа практика во Скопје (но и практика што често се случува на диви локации) создава токсични честички што директно влијаат врз квалитетот на воздухот.

Податоци на European Environment Agency укажуваат дека нелегалното депонирање отпад создава долгорочни еколошки штети и финансиски трошоци за локалните самоуправи, бидејќи чистењето е значително поскапо од превенцијата. Таму каде што нема контрола и санкции, дивите депонии брзо се враќаат на истите места – создавајќи циклус на интервенција без трајно решение.

Во град што и онака се соочува со високо ниво на аерозагадување, ваквите појави не се маргинален проблем, туку дополнителен здравствен ризик.

Акции за камера, проблеми во секојдневието

Неодамна, градот беше сцена на голема акција за чистење, проследена со снимки од дронови и драматични кадри од механизација во акција, меѓу другото и во близина на хотелот „Александар Палас“. Камерите беа вклучени, пораката беше јасна – градот се чисти.

Општина Карпош, во позадина на Хотел Александар Палас

Но кога камерите ќе се изгасат, посебен проблем во Скопје претставува и кабастиот отпад – стари гарнитури, душеци, врати, санитарии и електрични апарати што со денови стојат покрај контејнерите или стојат расфрани на други локации низ градот. Иако постои можност за организирано подигање по пријава, во пракса овие предмети често остануваат на јавни површини додека не се создаде мала импровизирана депонија околу нив. Кабастиот отпад не само што го нарушува изгледот на населбите, туку испраќа порака дека системот реагира дури кога проблемот ќе стане преголем за игнорирање.

Кисела Вода

Прашањето што сеуште останува неодговорено на терен е колку од тие акции се дел од долгорочен план, а колку се моментален одговор. Зашто ѓубрето не исчезнува со една ноќна интервенција. Тоа бара редовен распоред, функционална механизација, доволно работници и континуирана контрола.

Неисчистени улици и тивка навика

Покрај преполните контејнери и дивите депонии, видлив е и друг, подеднакво сериозен проблем – редовното одржување на улиците. На дел од сообраќајниците, особено оние што се предмет на реконструкција, може да се забележат наслаги од градежен отпад, песок и ситна прашина што со денови остануваат покрај рабниците. Наместо привремена фаза од градежни активности, тие стануваат трајна слика на запоставеност.

Прашината и ситниот отпад не се само визуелен недостаток. Во град што и онака се соочува со хронично загадување на воздухот, неотстранетиот градежен материјал дополнително придонесува за влошување на квалитетот на воздухот и за зголемена концентрација на честички што граѓаните ги вдишуваат секојдневно. Јавната хигиена во вакви услови не е прашање на естетика, туку на јавно здравје.

Од ЈП „Комунална хигиена“ информираат дека во текот на изминатата недела биле подигнати и транспортирани 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на Скопје. Само пред неколку дена биле отстранети околу 25 кубни метри непрописно одложен мешан и кабаст отпад од улицата „Џон Кенеди“, во близина на ООУ „Васил Главинов“.

Овие бројки покажуваат дека интервенции има, но истовремено отвораат прашање колку е одржлив системот ако истите локации повторно стануваат точки на натрупување отпад.

Скопје – градот на контрасти

Скопје денес е град на контрасти: од една страна најави за нови проекти, реконструкции и големи интервенции, од друга – реалност на терен што се повторува на едно или повеќе места од ден во ден. Свечени сали и говори, паркови и содржини,  наспроти преполни контејнери и диви депонии. 

Градот е огледало на приоритетите. Ако ѓубрето станува нормализирана појава, тогаш проблемот не е само во граѓанската неодговорност, туку во систем што не функционира континуирано. Зашто чист град не се мери со дронски снимки и ноќни акции, туку преку реални постапки: дали контејнерот пред зградата е испразнет навреме, дали дивата депонија не се враќа повторно и дали улицата се одржува секој ден – а не само кога камерите се вклучени.

Градот не бара спектакл. Бара одржлив систем што ќе спречи ѓубрето да стане негов највидлив симбол. Следните месеци ќе покажат дали Скопје ќе добие трајна метла или само повремени акции за камера. До тогаш, сликата од улиците останува најискрената оценка за тоа колку навистина се одржува и сака градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни