На локалните избори одржани на 4 октомври, владејачката партија Грузиски сон забележа убедлива победа – со 81,6% од освоените гласови победи во сите 64 општини. И покрај антивладините протести кои траат речиси цела година, партијата уште повеќе ја зацврсти својата политичка позиција и ја потврди доминацијата на политичката сцена.
На овие избори беа избрани 2.058 членови на општински совети и 64 градоначалници. Кандидатот на Грузиски сон, Каха Каладзе, победи за градоначалник на главниот град Тбилиси со 71,58% од гласовите, добивајќи 214.872 гласови.
Бојкот на изборите од опозицијата
Дел од опозицијата ги бојкотираше изборите, обвинувајќи ја власта за недемократски услови. Повикот на бојкот го предводеше поранешната претседателка Саломе Зурабишвили, а го поддржаа и партијата Обединето национално движење (UNM) и други опозициски партии.
Прозападната опозиција организира протести од октомври минатата година, кога Грузиски сон победи на парламентарните избори.
Ескалација на насилството и реакција од опозицијата
Опозицијата, која ги бојкотираше изборите, повика на протести на денот на гласањето, кои во предвечерието на затворањето на избирачките места ескалираа во немири.
Антивладини демонстранти ја пробија оградата и влегоа во дворот на претседателската резиденција во Тбилиси, по што полицијата употреби солзавец и бибер-спреј за да ги растера.
Познатиот оперски пејач и активист Паата Бурчуладзе, лидер на движењето „Aвенија Руставели“, пред демонстрантите на Плоштадот на слободата изјави:
„Денес имаме историска можност, можеби и последна шанса да ја вратиме нашата земја. Ова не е митинг – ова е првпат во историјата на Грузија целата нација да се собере во народно собрание.“
Според локалните медиуми, членот на Обединетото национално движење, Муртаз Зоделава, им се обрати на десетици илјади присутни со порака дека следниот чекор е „заземање на претседателската палата“, откако организаторите изјавија дека „власта ѝ се врати на народот“.
Осуда на насилството и поделби во опозицијата
Во судирот со полицијата, демонстрантите ги пробија металните бариери пред резиденцијата, по што беа растерани со бибер-спреј и водени топови.
Опозициските лидери се оградија од насилството. Поранешната претседателка Саломе Зурабишвили, која прва повика на бојкот на изборите, на мрежата X (поранешен Twitter) изјави:
„Оваа фарса со заземањето на претседателската палата може да биде само инсценирана од режимот, со цел да се дискредитираат 310 дена мирни протести на грузискиот народ. Како легитимна претседателка, категорично го отфрлам ова сценарио и останувам со мојот народ – мирно и истрајно – сè додека не добиеме нови, фер избори.“
На официјалната Facebook страна на опозициската партија „За Грузија“, предводена од поранешниот премиер Ѓорги Гахарија, беше објавено слично соопштение:
„Она што сега се случува е дискредитација на мирниот граѓански протест! Насилството е неприфатливо! Ги повикуваме граѓаните на Грузија да не учествуваат во радикални и деструктивни провокации. Ескалацијата во неконтролиран процес им служи исклучиво на непријателите на грузиската држава.“