Папата, кој почина на 21 април на 88-годишна возраст, беше погребан во саботата по церемонијата одржана на плоштадот „Свети Петар“, објави Анса.
Гробницата на папата Франциск во базиликата беше отворена вчера за посети од страна на верниците.
Според неговата сопствена желба, папата Франциск бил погребан надвор од Ватикан, во базиликата Санта Марија Маџоре, која многу ја сакал. Тој секогаш одел таму да се моли, пред и по секое патување.
Поглаварот на Римокатоличката црква во својот тестамент изразил дека сака да биде погребан во таа црква, а не во базиликата „Свети Петар“ како повеќето други папи.
На погребот во базиликата Санта Марија Маџоре присуствуваа само најблиските, а едноставниот, дрвен ковчег на папата беше пречекан со ѕвона.
Повеќе од 150.000 верници се збогуваа со папата на улиците на Рим во саботата, додека неговиот ковчег беше носен од плоштадот „Свети Петар“ до базиликата каде што беше погребан.
Околу 250.000 верници присуствуваа на погребот на папата на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан.
По погребот ќе бидат почитувани традиционалните деветдневни жалости, за време на кои ќе се одржат бројни молитви и миси за папата Франциск, а потоа ќе биде организирана конклава во Ватикан, каде што ќе биде избран нов поглавар.