Новото мапирање дава општ преглед на ризичноста по региони и овозможува подобро долгорочно планирање, превенција и навремено препознавање на слабостите кои се продлабочени поради климатската криза.
Властите за цивилна заштита ја оценуваат картата како структурен пробив во системското подобрување на процената и спречувањето на пожари, истакнувајќи дека претставува една од најзначајните реформи во историјата на грчката цивилна заштита. За разлика од дневната карта за ризик која се објавува во текот на пожарната сезона, новата карта служи како долгорочна алатка за планирање.
Во последните години Грција сѐ почесто се соочува со интензивни пожари предизвикани од екстремни топлински бранови, силни ветрови и недостатоци во управувањето со шумите и политиките за превенција. Новата карта, одобрена од министерот за климатска криза и цивилна заштита Јанис Кефалогианис, има цел да ги адресира овие проблеми.
Картата е изработена врз основа на податоци собрани во последните дваесет години, кои ги опфаќаат регионалните климатски услови, видот и структурата на вегетацијата, како и зачестеноста на високоризичните денови од дневните прогнози. На таа основа, општините се класифицирани во три категории: низок, среден и висок ризик. За прв пат, единицата на оценување е општината, наместо претходниот модел кој се базираше на окрузи.
Цивилната заштита истакнува дека оваа промена овозможува попрецизно планирање, поефикасни и таргетирани превентивни мерки и поправедна распределба на ресурсите, особено во периоди кога секоја минута и секој механизам за одговор се клучни за спречување катастрофални последици од пожарите.
Извор: Euronews
