Грција најавува проширување на територијалните води

Грција веќе ја прошири ширината на територијалните води во Јонското Море на 12 наутички милји

Грција најавува проширување на територијалните води, потег што Турција уште од 1995 година формално го третира како „касус бели“ доколку се однесува на Егејското Море.

Најавата доаѓа од шефот на грчката дипломатија, Јоргос Герапетритис, кој во парламентот изјави дека се очекува натамошно проширување, повикувајќи се на постојни договори и претходни чекори што Атина веќе ги направи на други морски фронтови.

Грција веќе ја прошири ширината на територијалните води во Јонското Море на 12 наутички милји и склучи договори за разграничување со Италија и со Египет, што Атина го користи како аргумент дека следните чекори се дел од подолгорочна државна стратегија.

Сепак, клучниот „минско поле“ е Егејот, каде што било какво еднострано проширување над шест милји веднаш го активира турскиот политички аларм од 1995 година.

Турската позиција е стара, но функционална: на 8 јуни 1995 турскиот парламент донесе декларација дека грчко проширување на територијалните води во Егејот над шест милји ќе се смета за причина за војна. Тоа во пракса ја држи грчката суверена „опција“ во режим на пресметка на ризик, а не само на правна можност, затоа што двете НАТО-членки имаат историја на опасни ескалации околу воздушен простор, острови и морски зони.

Во срцето на спорот е правото што го дава Конвенцијата на ОН за морско право: до 12 наутички милји територијално море. Грција е потписник и тврди дека тоа е меѓународен стандард што се применува широко, додека Турција не ја ратификувала Конвенцијата и инсистира дека географијата на Егејот — со густ распоред на острови — би ја претворила картата во „грчко езеро“ ако Атина ја искористи целосната ширина. Оваа правна и географска колизија е причината зошто темата и денес се третира како најлесниот пат до инцидент што може да излезе од контрола.

Герапетритис не прецизираше кои области се следни, но токму тоа „недоречено“ ја прави веста политички тешка. Во Егејот, секое поместување на линиите има домино-ефект врз воздушните зони, риболовот, истражувањата за енергенси и контролата на морските патишта.

Ројтерс пренесува дека турското МНР во моментот не коментирало на најновите изјави, но Атина и Анкара и понатаму се разликуваат во клучната дефиниција: Грција тврди дека единствената отворена тема е разграничувањето на морските зони (континентален праг и ЕЕЗ), додека Турција низ годините ја проширува листата на прашања што ги смета за спорни.

Дополнителен слој на тензија создаваат и потезите што формално се продаваат како „неполитички“. Ројтерс потсетува дека Грција најави морски паркови во Јонското и во Егејското Море, при што токму егејскиот парк (кај јужните Киклади) предизвика остра реакција од Анкара. Во ваква динамика, еколошките и административните иницијативи лесно стануваат алатки за „суверено закотвување“ на простор што е спорен — па затоа проширувањето на водите не се чита како изолиран чекор, туку како дел од поширок пакет.

За регионот, веста е важна и поради времето во кое се случува: Грција и Турција последните месеци јавно демонстрираа напори за „стратешка смиреност“, но во позадина остануваат тврдите резолуции и националните црвени линии што не се повлекуваат лесно. Кога една држава зборува за суверено право, а другата за причина за војна, меѓународната дипломатија обично ја купува тишината со одложување — до моментот кога одложувањето ќе стане нова форма на конфликт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни