Грчкиот Парламент го изгласа новиот закон за миграција што предвидува затворска казна за нелегален престој во земјата

Пораката е јасна. Ако се најдеш овде и имаш право на меѓународна заштита, ќе добиеш азил. Ако барањето за азил ти е одбиено, имаш две опции: или ќе одиш во затвор или ќе се вратиш во твојата земја.

Грчката држава не те прима. Не те толерира штом си влегол нелегално. Имаш еден избор, да се вратиш назад. Не си добредојден, порача министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис на крајот од дискусијата во Парламентот за новиот закон за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина.

Новиот закон што меѓу другото предвидува и затворска казна од две до пет години и најмалку 5.000 евра парична казна за нелегален престој во Грција, синоќа беше изгласан од грчкиот Парламент.

Од Министерството за миграција и азил на Грција информираа дека „новата институционална рамка доаѓа за да ги зајакне алатките на државата за справување со нелегалната миграција, спречување на злоупотреби во системот за азил и олеснување на враќањето на државјани од трети земји“.

Објаснија дека меѓу другото, со законот се укинува можноста да добијат дозвола за престој оние кои седум години биле нелегално во земјата; се ограничуваат последователните барања за меѓународна заштита со цел да се спречат злоупотреби; предвидена е можноста за административен притвор до 24 месеци, без суспензивно дејство од поднесување на приговори, додека рокот за доброволно заминување од Грција се скратува од 25 на 14 дена со можност за електронски надзор.

Паралелно, се проширува концептот „земја на враќање“ и се ажурираат критериумите за опасност од бегство, се утврдува задолжителна причина за забрана за влез во случај на опасност за јавниот ред, за националната безбедност или јавното здравје, а во исто време се продолжува нејзиното времетраење до десет години што може дополнително да се продолжи за уште пет години.

За нелегалниот престој или нелегалниот влез во земјата, казната е минимум две години затвор и најмалку 5.000 евра, а единствената опција да се избегне е доброволно напуштање на земјата.

При повторен нелегален влез на лице регистрирано како персона нон грата, предвидена е затворска казна од најмалку три години и зголемена парична казна од најмалку 10.000 евра.

Целта на построгите мерки, според Министерството за миграција и азил на Грција е да се нагласи кривичниот аспект на нелегалниот престој, додека пак со новиот закон „ќе се намали нелегалниот престој, ќе се намали обемот на работа на службата за азил, грчката полиција и судовите, а административните ресурси ќе бидат насочени кон реалните потреби за меѓународна заштита“.

Министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис на крајот од дискусијата во Парламентот рече дека е особено горд што е министер и дел од Владата која „го институционализира кривичното дело нелегален престој во земјата“ и објасни дека оној кој ќе биде одбиен за азил и го прекршил грчкиот закон со тоа што нелегално престојувал на грчка територија, „ќе има административен притвор и електронски надзор и кривични санкции“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни