Грчки танкер со саудиска нафта успеа да помине низ Ормускиот теснец

Грчки танкер натоварен со саудиска нафта успеа да помине низ Ормускиот теснец и се упати кон Индија, покажува анализата на податоците за поморски сообраќај на компаниите Kpler и Lloyd’s List Intelligence, пренесува Ројтерс.

Танкерот Shenlong Suezmax, со капацитет од околу еден милион барели нафта, го натоварил товарот во саудиското пристаниште Рас Танура, покажуваат одделни податоци за поморскиот сообраќај од платформата Marine Traffic.

Екипажот на грчкиот брод последен пат ја означил својата позиција во Ормускиот теснец на 8 март. Потоа навеле дека танкерот плови кон индиското пристаниште Мумбаи, според податоците за поморски сообраќај на кои се повикува Ројтерс.

Грчката компанија Dynacom, сопственик на танкерот, засега не одговорила на барањето на Ројтерс за коментар.

Намален, но не и прекинат сообраќај

Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран на 27 февруари, по што Техеран возврати со ракети и дронови врз Израел и американски воени бази во земјите околу Персискиот Залив.

Иранската војска минатата недела соопшти дека поради воената состојба ја презема контролата врз Ормускиот теснец и забрани транзит за танкери од САД, Израел и европските земји.

Сепак, и покрај овие најави, сообраќајот низ теснецот не е целосно прекинат, иако е значително намален, наведува советодавната компанија Poten & Partners во својот неделен извештај, според специјализираниот портал Hellenic Shipping.

Според експертите од Poten & Partners, грчката компанија Dynacom од почетокот на конфликтот испратила најмалку пет танкери низ Ормускиот теснец, повикувајќи се на извештаи на Financial Times.

Низ теснецот пловат и танкери без европско осигурување кои превезуваат иранска нафта од бреговите на Персискиот Залив.

Големи ризици за бродовите

Сепак, пловидбата низ овој регион носи сериозни ризици. Од Poten & Partners предупредуваат дека нападите врз бродови во Ормускиот теснец и во Персискиот Залив довеле до нагло зголемување на цените на транспортот и на Блискиот Исток и во други региони.

Во вакви услови транспортот на нафта од Персискиот Залив станал исклучително профитабилен, дури и кога ќе се земат предвид значително поскапите полиси за осигурување.

Пред почетокот на војната, осигурителните премии за танкери што пловат во Персискиот Залив се движеле меѓу 0,1 и 0,15 проценти од вредноста на бродот. Сега, според различни извори, тие пораснале на околу еден процент, а за американски и израелски бродови достигнуваат и до три проценти.

Од компанијата нагласуваат дека пловидбата низ ова подрачје моментално носи многу големи ризици за физичката безбедност, кои не може целосно да ги покрие ниту едно осигурување.

Трамп најавува осигурување и можна воена придружба

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека САД се подготвени да понудат осигурување за бродовите што минуваат низ Ормускиот теснец, а најави и можност за воена придружба при нивниот транзит.

Сепак, експертите наведуваат дека бродските компании сè уште не се сигурни како да ја оценат оваа понуда.

Во меѓувреме, сопствениците на танкери кои се закотвени во Персискиот Залив почнале да ги нудат своите бродови како привремени складишта за нафта на море, при што наплаќаат меѓу 400.000 и 500.000 долари дневно.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни