Граѓаните го одложија зонското паркирање во Аеродром – нов старт дури во мај

По реакции од жителите, зонското паркирање во Реонски Центар нема да започне од 1 април како што беше планирано. Воведувањето ќе се одвива паралелно со Ново Лисиче за да се избегне прелевање на проблемот. Надлежните најавуваат нов обид во мај, по комплетирање на инфраструктурата.

Воведувањето на зонското паркирање во Реонски Центар во општина Аеродром е одложено, откако институциите се повлекоа под притисок на граѓаните од Ново Лисиче. Од ЈП „Градски паркинг“ – Скопје информираат дека наместо на 1 април, зонското паркирање ќе стартува подоцна, кога ќе се создадат услови за негово истовремено воведување и во Ново Лисиче.

Одлуката доаѓа по барањата на жителите, кои предупредија дека еднострано воведување на зонско паркирање може да предизвика дополнителен хаос, односно пренасочување на возилата од една во друга зона.

Надлежните посочуваат дека пред почетокот потребно е да се усогласи сообраќајниот проект за новата зона Д11 – Ново Лисиче, како и да се постави целосна вертикална и хоризонтална сигнализација.

Целта, велат, е системот да биде воведен истовремено и координирано, без да се создава дополнителен притисок врз жителите на одредени делови од општината.

Според најавите, доколку сите подготовки завршат навреме, зонското паркирање во зоните Д11 и Д12 би можело да започне во текот на мај 2026 година.

Во меѓувреме, одложен е и процесот за поднесување документација од страна на граѓаните заинтересирани за користење на зонското паркирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни