Градски воз ќе го спои Драчево со центарот на Скопје за 11 минути

Градски воз од Драчево до центар за само 11 минути – Скопје добива нов, брз и еколошки јавен превоз. Кога стартува и што носи проектот?

Скопје е чекор поблиску до градски воз што може значително да ја смени секојдневната слика на сообраќајот. Новата линија, што ќе ја поврзува населбата Драчево со центарот, ветува патување од само 11 минути, нешто што денес звучи речиси нереално за скопските гужви.

Проектот, кој веќе е во напредна фаза, се базира на рехабилитација на железничката пруга на делницата Транспортен центар – Зелениково, долга околу 25 километри. Според надлежните, станува збор за еден од најзначајните инфраструктурни зафати во обидите за модернизација на јавниот превоз во главниот град.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, оцени дека проектот ќе донесе побрз и поефикасен транспорт, но и конкретни придобивки за животната средина.

Во тек се обемни градежни активности, демонтажа на стариот колосек, замена на дрвените прагови со бетонски, подобрување на засторот и модернизација на трасата со современа механизација. Проектот е реализиран околу 65 проценти, а целта е да се обезбеди поголема безбедност и стабилност на железничкиот сообраќај.

Паралелно, се работи и на интеграција со постојниот јавен превоз. Планот е возниот ред на возовите да се усогласи со автобусите, со што граѓаните би добиле побрз и поедноставен транспорт низ градот. Според најавите на министерот за транспорт, Александар Николоски, градежните работи треба да завршат до јуни, а првата линија да биде пуштена во употреба на 1 септември, со почетокот на новата учебна година.

Доколку проектот се реализира според планот, градскиот воз би можел да стане една од најзначајните промени во скопскиот транспорт – со потенцијал да го намали метежот, да го скрати времето на патување и да донесе почист воздух во градот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни