Дали Скопје повторно ќе има градски плажи? Ѓорѓиевски најави уредување на кејот и нова плажа на Вардар

Градоначалникот тврди дека кејот добива „нов лик“, со реконструирани спортски терени и современа плажа, додека јавноста се сеќава на неуспешниот проект од времето на „Скопје 2014“.
Foto: Призма

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека кејот на Вардар ќе добие нова градска плажа, како дел од пошироко уредување на јавниот простор покрај реката.

„Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации“, објави Ѓорѓиевски, додавајќи дека со засилено темпо се одвиваат активности за чистење и уредување на просторот.

Според неговата изјава, кејот е еден од клучните приоритети на новата градска администрација и уште од преземањето на функцијата започнало темелно чистење на речното корито. „Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор“, вели градоначалникот.

Во рамки на проектот се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се најавуваат фитнес-зони на отворено. Проектот ги опфаќа и терените во Маџир Маало, за кои е најавено целосно унапредување.

Најавата за современа градска плажа, како „безбедно, уредено и достапно катче за одмор и рекреација“, повторно ја отвора темата за плажите на Вардар, кои беа уредени пред повеќе од една деценија во рамки на проектот „Скопје 2014“, во времето на поранешниот градоначалник Коце Трајановски и владата на Никола Груевски.

Тогашните градски плажи, заедно со бродовите-кафеани, водоскоците, трите врби во коритото и пешачките мостови со статуи, беа дел од поширока урбана интервенција во центарот на градот. Иако идејата беше да се создаде нова рекреативна зона покрај Вардар, плажите не заживеаја во пракса. По неколку години интересот за закуп опадна, а просторот остана запуштен и руиниран.

Со новата најава, се поставува прашањето дали овојпат концептот ќе добие поодржлива форма или повторно ќе остане краткорочен урбан експеримент. Засега, од Град Скопје не се објавени детали за буџетот, роковите за реализација и моделот на управување со просторот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни