Во рангирањето биле земени предвид бројот на врвни ресторани, присуството во Мишлен водичот, гастрономски атракции, богатството на традиционални јадења, но и фактори како Глобалниот индекс за безбедност на храна и просечната цена за вечера за две лица. Не изненадува што европските градови доминираат на листата – стариот континент има длабока и богата кулинарска традиција.
Истражувањето е спроведено од јапонскиот сервис за железнички билети JR Pass, а првото место му припадна на Париз, кој заслужено ја понесе титулата најдобра гастро дестинација во светот. Градот на светлината има најмногу ресторани во Мишлен водичот, а просечната цена за вечера за двајца е околу 68 евра, што го прави ова уживање достапно за поширок круг љубители на добра храна.
Топ 15 гастрономски градови според JR Pass:
- Париз
- Атина
- Токио
- Цирих
- Амстердам
- Прага
- Брисел
- Даблин
- Мадрид
- Љубљана
- Лондон
- Сеул
- Копенхаген
- Рејкјавик
- Рига
Што го прави еден град совршен за гурмани?
Истражувањето покажува дека не е доволно само да се имаат скапи ресторани – потребна е разновидна понуда, достапност на автентични традиционални јадења, но и културна вредност на гастрономијата. Сѐ повеќе туристи патуваат не само за да разгледуваат знаменитости, туку и да вкусат автентични локални вкусови.
Без разлика дали сте во потрага по улична храна во Амстердам, вина и сирења во Париз, тапаси во Шпанија или суши во Токио – гастро патувањата се нов начин на откривање на светот.
Ако патувате наскоро – можеби токму некој од овие градови ќе ви го отвори апетитот за авантура.