Градот во кој пораснав

Дали се промени градот — или се променив јас?

Моето Скопје е градот во кој се родив и израснав. Жена парк и старата фонтана кај ГТЦ – места каде што помина голем дел од моето детство. Денес, сè уште се мои омилени точки за кратко бегство од секојдневието, кои веќе не се истите. Не затоа што јас пораснав, туку затоа што просторот се промени. Она што некогаш беше живо ткиво на градот, денес е декор. Препознатливо, но испразнето од значење. Градот што ме изгради и градот во кој живеам повеќе не се исти.

Љубовта за Скопје се темели на раскажувањата од баба ми и дедо ми. Како вистински стари скопјани, тие не го избрале случајно датумот на својата свадбена венчавка. 13 ноември 1960 година – празникот на градот. Се венчале во црквата Свети Константин и Елена, тогаш сместена на просторот каде денес стои Градскиот трговски центар. За нив, тоа не било само љубовен чин, туку и припадност. Скопје не било само место на живеење, туку идентитет. Град што се сака, што се почитува и во кој се гради живот.

Љубовта за Скопје се приказните на мајка ми и татко ми, приказните на сестра ми. За просторите меѓу Драмски и Млечен, меѓу Пајко Маало и стара Рампа – денес турнати на маргините од агресивен урбан интерес без лик и мера. Градот е прекриен со тешки, неусогласени зданија и мрачен псевдобарок, задушен во воздух полн со ПМ честички. Ова не е кошмар од кој се будиме, ова е секојдневие во кое се навикнавме да живееме. И градот, оној убавиот, повеќе не никнува.

Не останаа ниту култните места што му даваа душа на градот и простор за секоја култура. Од Младинскиот културен центар како собиралиште на идеи и бунт, до Менада како урбана станица на генерации. Од животот на улиците во старата скопска чаршија кои водеа до Македонска куќа, до концертите на отворено во Градски парк. Тоа беа места каде што градот зборуваше, каде што различноста беше нормална, а културата жива. Денес, тие простори се или маргинализирани, или сведени на сенка од тоа што беа.

Скопје не го загади инфраструктурата. Ниту архитектурата. Ниту воздухот. Скопје го загадија луѓето. Одлуките што се носеа без одговорност. Интересите што се ставаа над јавниот простор. Молкот што стана подолг од секој протест. Градот не пропадна сам од себе – беше постепено трошен, парче по парче, под изговор на развој, модернизација и „напредок“. А резултатот го дишеме секој ден.

Луѓето се променија, исто како и градот. Пријателите си заминаа – не од авантура, туку од немоќ. Новите генерации останаа во град во кој сè потешко е да се најде место за градење спомени. Нема улици што раскажуваат приказни, нема агли што се паметат, нема простори што те врзуваат за нешто поголемо од моментот. Град без меморија тешко создава иднина.

Се променив и јас. Од човек што некогаш експериментираше низ улиците на градот и веруваше дека тие ќе го однесат некаде, станав човек што се држи до истите неколку места што останаа непроменети – единствените каде сè уште се чувствувам своја. Не од носталгија, туку од потреба за препознатливост. Нема повеќе сила за адаптација кон кичот што го донесоа и градот и луѓето. Не затоа што не можам да се навикнам, туку затоа што не сакам.

Иронијата е што и оние малку места што преживеаја, денес се мета на истата урбана мафија што ги избриша локациите од раскажувањата на баба ми и дедо ми, татко ми и мајка ми. Просторите што некогаш биле заеднички, стануваат приватни. Зеленилото станува квадратура. Се брише минатото за да се продаде сегашноста. И така, градот што требаше да се надградува, се поништува.

Затоа прашањето „дали се промени градот или јас“ нема едноставен одговор. Се променија и градот и луѓето. Но најопасната промена е онаа во која престануваме да препознаваме што губиме. Скопје не исчезна одеднаш – исчезнуваше тивко, додека ние се навикнувавме.

И можеби токму затоа оваа колумна не е носталгија, туку обид за сеќавање. Затоа што градот не е само бетон и асфалт. Тој е збир од приказни, луѓе и вредности. А кога тие исчезнуваат, не останува ништо што може да се нарече дом.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни