На само неколку часа возење од Скопје и задржување на граница кое може да потрае во екот на туристичката сезона се стигнува во Солун. Град кој е многу повеќе од дестинација за шопинг и град кој забрзано се развива како туристичко искуство во Грција кое има навистина што да понуди. Вториот по големина град во оваа земја е спој на историјата и модерното, непрекинат историски континуитет, но и хармонија која доминира во симбиозата на старото и новото. Токму тоа прави едно пријатно туристичко искуство за сите кои се запознаваат со градот и за првпат ги шетаат неговите улици, каде на секој чекор може да се види археолошкo наоѓалиште – во центарот на брзиот живот и динамичното, но и во станбените делови. Едноставно, историјата овде шепоти од секој агол, насекаде.

Историја распространета во секој дел од градот
Солун бил важен центар во минатото за Римската и Византиската Империја и има над 2000 години историја. Присутството на историјата во секој сегмент на градот е потврдена и со заштитата на УНЕСКО на бројни споменици кои ќе ги видите. Историјата овде е органски присутна, а заштитата на археолошкото наследство е еден од врвните приоритети. За нејзиното богатство, сведочат и неколку од станиците на солунското метро кои се градени на историски остатоци, кои се изложени во мали галерии во метро станиците. Голем дел од најзначајните места за посета се наоѓаат околу центарот на градот или се брзо и лесно достапни за пристап со јавен превоз и автомобил, а меѓу нив се издвојуваат црквите Св. Софија и Св. Димитриј, единствените зачувани византиски бањи од 13 век, Археолошкиот музеј и многу други.

Прекрасен поглед и местоположба
Сместен на брегот на Термајскиот залив, тој е познат по неговото шеталиште долго 12 километри покрај морето кое особено во летната сезона е полно со туристи и симбол на секоја прошетка во градот. Морето за жителите на Солун е секојдневие дополнето со глетката на Олимп. Иако најблиските плажи за капење се на околу 30 до 40 минути од градот како Переа и Агиа Триада, неговото шеталиште е едно од најубавите и најпознатите во Европа. Неговото пристаниште, заедно со местоположбата која Солун ја зазема меѓу Балканот и Европа го прават атрактивен и динамичен, значаен како транспортен, културен и туристички центар која секоја година дополнително расте и се развива во нова насока.

Туристичка приказна која континуирано се развива
Инфраструктурните подобрувања и новите урбани стратегии му помагаат на градот да се позиционира како европска туристичка дестинација во подем која не смее да се одмине. Солун континуирано станува уште подостапен со проширувањето на авионските линии кои го поврзуваат со Европа и светот, а неговата постојана обнова преку инвестиции од локалните самоуправи го прават стратешки попријатен и подостапен за туристи секоја година повеќе од претходната. Идеален за патување од Скопје на само три часа, тој е одлично поврзан со пат, железница и воздушна линија со најзначајните европски дестинации што е негова огромна поволност и предност. Во поглед на туристичката инфраструктура, таа нуди широк спектар на сместување на објекти со поглед кон морето и развиена туристичка мрежа со информации за посетителите. Според истражување направено од Thessaloniki Hotels Association и GBR Consulting презентирано во април 2025, податоците велат дека дури 92 проценти од посетителите изразиле желба повторно да го посетат градот, а 94 проценти би го препорачале на семејството и пријателите. Највисоки оценки во градот добиле хотелите, рестораните и кафулињата, локалната гостопримливост и атмосферата за забава.
Плажите блиску до Солун
Најблиските плажи се наоѓаат на 30 до 40 минути од градот и се лесно достапни за туристите со јавниот превоз во градот. Нивната мала оддалеченост од Солун како на пример, плажата Переа на околу 17 километри од градот, овозможуваат пријатно туристичко искуство со достапни цени, со одлична морска вода и многу кафулиња, таверни и барови. Агиа Триада, Епаноми, Неои Епиватес и другите во околината се карактеризират со организирани капалишта и брз пристап до градот, идеални за оние кои бараат мир, тишина, но и прекрасен поглед кој ќе ги натера повторно да се вратат назад.

Солун е град дом на многу културни и уметнички настани, врвни медитерански вкусови препознаени од УНЕСКО и гостопримливост која ги плени туристите. Овој „град што никогаш не спие“ е познат и препознаен особено од младите генерации поради динамичниот ноќен живот, бројните ресторани, кафулиња и места за излегување кои носат постојана енергија во градот. Модерната инфраструктура, долгото морско шеталиште, импресивната местоположба и гостопримливата атмосфера прават Солун секојдневно да се развива како европска дестинација во подем, која меѓу старото и новото го наоѓа својот пат за успех и препознаеност. Mногу повеќе од дестинација за шопинг за Европа и светот, тој е град кој го користи својот потенцијал и живее во сегашноста.