Ајзенхутенштад, град во источна Германија во близина на границата со Полска, на околу 100 километри од Берлин, нуди двонеделен бесплатен престој на сите што размислуваат да се преселат во обид да го зголемат своето население.
Како што соопштија од градската управа, програмата е наменета за сите кои размислуваат за можноста да се преселат во Ајзенхитенштад, без разлика дали се дневни мигранти, луѓе кои сакаат да се вратат во родниот град, квалификувани работници или претприемачи во потрага по нова средина.
Избраните кандидати ќе можат бесплатно да престојуваат во наместен стан од 6 до 20 септември, како дел од иновативниот проект наречен „Направи планови сега“.
„Во текот на тие 14 дена учесниците ќе имаат можност потполно бесплатно и во срцето на градот да се запознаат со животот, работата и заедницата на Ајзенхитенштад“, се наведува во соопштението.
Со цел подобро запознавање на потенцијалните жители со животот на ова место, градските власти ќе организираат различни активности, од обиколка на градот и локалната фабрика, до заеднички патувања и настани.
Исто така, учесниците ќе бидат охрабрени да останат во градот трајно, со поддршка од локални компании кои ќе им понудат пракса, запознавање со работните места и можности за вработување.
Ајзенхитенштад, што се преведува како „град на челичарници“, е основан во 1950 година како прв планиран град во тогашна Источна Германија, по моделот на социјалистичката идеологија. Градот бил изграден околу огромна индустриска фабрика за преработка на челик и некогаш бил именуван Сталинштат, по советскиот водач Јосиф Сталин. По падот на Берлинскиот ѕид и обединувањето на Германија, градот го добил сегашното име.

По падот на Берлинскиот ѕид – пад на населението
Како и многу места во поранешна Источна Германија, Ајзенхитенштад, исто така, доживеа пад на бројот на жители по повторното обединување, од некогашните над 50.000 на околу 24.000 денес, изјави градската функционерка Јулија Басан за локалните медиуми.
Целта на оваа програма е градот да привлече нови постојани жители, особено професионалци, посочува Басан.
Денес, Ајзенхитенштад е дом на најголемата фабрика за челик во источна Германија, во која се вработени околу 2.500 луѓе, а градот исто така стана важно место за обработка на метали.
Бројни објекти од социјалистичкиот период денес се под заштита како културно-историски добра, а отвореноста на урбанистичкиот план ги привлекува посетителите заинтересирани за архитектура.
Еден од поновите доселеници изјавил дека архитектурата била пресудна за неговата одлука да се пресели.
„Тоа беше целосна коинциденција“, вели тој во видеото објавено на профилот на градското собрание на Инстаграм. „Патувавме со пријателите до Рацдорф и поминавме низ улицата Карл-Маркс. Ги видов тие згради, таа архитектура која целосно ме воодушеви и и реков на жена ми: „Се селиме овде“.
Подоцна, тој организираше обиколка на градот со локален историчар за да дознае повеќе.
„По турнејата, целосно бевме воодушевени од архитектурата. Тоа всушност беше активирањето“, додаде тој.