Јавните простори во градот се места што ги ползуваат сите граѓани, вклучително и девојките и жените. Постои сериозен проблем кога на една половина од населението ѝ е ограничено слободното движење и независноста во местото на живеење, односно кога на жените и девојките им е оневозможено без страв и заддршка да учествуваат во секојдневните социјални, културни и економски активности.
Истражувачката организација @reactormkd веќе повеќе од една деценија работи на темата безбедност на девојките и жените во јавните простори преку серија истражувања посветени на перцепциите на (не)сигурност, ограничувањата во слободното движење и инцидентите на вознемирување и насилство. Нивното најново истражување ѝ приоѓа на темата од агол на урбанистичкото планирање и можни решенија кои можат да го подобрат квалитетот за сите корисници и кориснички на градот.
Искуство на Лила Милиќ
Лила Милиќ, трансродова жена и активистка, ја споделува својата рутина низ градот.
– Скопје не е направен по моја мера. Најсигурно се чувствувам во центарот на градот, каде што има многу луѓе, но Градскиот парк и кејот на Вардар, особено навечер, се места каде чувствувам страв. Темни улици, тесни сокачиња и празни простори го комплицираат движењето– вели Лила.
Таа додава дека ноќниот период ја ограничува нејзината мобилност.
– Секогаш внимателно бирам каде одам и како се движам. Не би сакала да ми се случат непријатности, токму поради тоа што сум трансродова личност, објаснува таа.
Лила нагласува дека на градот му недостасуваат институции кои ја штитат безбедноста на сите граѓани, јавен превоз кој нуди сигурност и јавни простори кои се прилагодени за слободно движење. Градот, смета таа треба да биде место каде секој ќе може да се движи слободно и без страв.
⁸