Градоначалникот на Нова Градишка Винко Гргиќ уапсен во акција на УСКОК

Градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, повторно е уапсен во акција на УСКОК и полицијата под сомнение за злоупотреба на службена положба, јавни набавки и политички донации

Градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, повторно е уапсен во најновата акција на хрватскиот УСКОК и полицијата. Заедно со него приведени се уште неколку лица од Нова Градишка, Славонски Брод и Загреб.

Според неофицијални информации, истрагата се однесува на повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба, локална инфраструктура и градски тендери. По налог на УСКОК е уапсен и Мато Гавран, сопственик на геодетската компанија „MIG“, политичар и поранешен пратеник од СДП. Истражителите ја испитуваат можната поврзаност и соработка меѓу осомничените.

Сомнежи за мито и политички донации

Ова не е прво апсење на Гргиќ. Тој веќе се соочува со судски процес во аферата ЈАНАФ поради примање мито, а Европското јавно обвинителство претходно го товареше и за корупција поврзана со јавни набавки и големи градски проекти.

Во најновиот случај, на товар му се става сомнеж за барање мито од угостител, кое наводно не било исплатено, како и коруптивни дејствија поврзани со издавање под закуп на градско земјиште, при што наводното мито било примано преку донации за политичка кампања.

По приведувањето, Гргиќ кусо изјави дека не се чувствува виновен.

„Нека системот си ја работи својата работа, јас повторно ќе ја докажам вистината“, рече тој при спроведувањето.

Претреси во градската управа и туристичката заедница

Истражителите најпрво извршиле претрес во домот на градоначалникот, а потоа и во зградата на градската управа. Полицијата влегла и во градската Туристичка заедница, како и во домот на нејзината директорка, Динка Матијевиќ, која е претседателка на Градскиот совет и блиска политичка соработничка на Гргиќ.

Интересно е што на почетокот на месецот во центарот на Нова Градишка бил поставен транспарент со ликот на Гргиќ и порака „Не ти даваме 25 проценти“, што дополнително ја подгреа јавната дебата околу случајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни