Во своето обраќање, тој истакна дека оваа загуба е „огромна“ и дека „нема зборови што можат да ја опишат болката“.
„Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина. Празнината што остана е непреболна. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства. Скршен сум!“ – изјави тој.
Градоначалникот побара сите надлежни институции да ја испитаат целата одговорност и сите пропусти кои доведоа до оваа трагедија.
„Непостапувањето е исто така одговорност! Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности, подготвен сум да одговорам на сите прашања. Доколку постои било каков основ за моја одговорност, го повикувам обвинителството да постапи согласно законите.“
Тој посочи дека неговото вчерашно молчење било поради личната скршеност од настаните.
„Ова беа наши деца! Никогаш не сум ни помислил дека вака ќе заврши мојот ангажман. Работев чесно и посветено целиот свој живот. Сега се повлекувам, молејќи го Бога за душите на нашите деца, за нивните семејства и за народот на Македонија!“
Трагедијата која го потресе Кочани повторно ја отвори дебатата за безбедносните стандарди во јавните објекти, а јавноста бара итни и строги мерки за спречување на вакви катастрофи во иднина.