Град Скопје почнува со исплата на субвенции за инвертер клима-уреди

По двегодишна пауза, скопјани повторно добиваат финансиска поддршка за набавка на инвертер клима-уреди.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски доцна вечерва ги потпиша решенијата за исплата на субвенциите, со што завршува постапката од јунскиот Јавен повик на кој аплицираа жителите на главниот град.

Ѓорѓиевски посочи дека мерката има јасна цел поддршка на домаќинствата кои во текот на 2025 година инвестирале во високоефикасни клима-уреди за затоплување. „Овие уреди носат пониски сметки, поголема енергетска ефикасност и подобри услови за живеење. Со ваквите инвестиции придонесуваме за почиста животна средина и за намалување на емисиите во воздухот,“ изјави градоначалникот.

Градот ќе им надомести до 20.000 денари по домаќинство во нето износ, при што данокот на личен доход целосно ќе го покрие Град Скопје. Право на субвенција имаа сите жители на градот кои купиле инвертер клима-уред за затоплување во периодот од 1 јануари 2025 година до затворањето на јавниот повик и кои поднесоа уредна документација за надомест.

Од Градот најавуваат дека ова не е последната мерка од ваков тип. Во наредниот период ќе следуваат нови јавни повици за субвенции, со цел да се олесни секојдневието на граѓаните и да се поттикнат еколошки практики во домаќинствата.

Со оваа програма, Град Скопје ја продолжува политиката за стимулирање на употребата на енергетски поефикасни и еколошки уреди, кои истовремено ги намалуваат трошоците и го подобруваат квалитетот на воздухот во метрополата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни