Гори зградата на парламент во Непал

Драматични сцени доаѓаат од Катманду, главниот град на Непал, каде илјадници граѓани излегоа на улиците во знак на протест против корупцијата.

Дел од демонстрантите успеале да продрат во зградата на федералниот парламент, која сега е зафатена од оган, а густ чад се издига од едното крило на објектот.

Разбиени прозорци, пожари и графити

Сведоци јавуваат дека сите прозорци на зградата се искршени, а надворешните ѕидови се испишани со антивладини графити. На еден од нив пишува: „Влеговте во погрешна битка“, пренесува BBC. Демонстрантите палат огнови пред влезот, извикуваат пароли и веат непалски знамиња. Некои кружат околу парламентот со мотори, носејќи со себе искорнати растенија и уметнички слики од внатрешноста.

Премиерот поднесе оставка

Политичката криза кулминираше со оставка на премиерот К.П. Шарма Оли, кој се повлече со цел да, како што рече, „отвори пат за уставно решение на кризата“. Во бран на насилство беа нападнати и оштетени резиденциите на неколку истакнати политичари, вклучително и на самиот Оли и поранешниот премиер Шер Бахадур Деуба. Мети беа и седиштата на неколку политички партии.

Воздушниот сообраќај запрен, масовни оставки во владата

Поради нарушената безбедносна состојба, домашните летови на Меѓународниот аеродром Трибхуван во Катманду се речиси целосно суспендирани, соопштија надлежните. На улиците владее хаос – младите масовно се приклучуваат на протестите, а полицијата се обидува да ги растера со солзавец. Како одговор на реакцијата на владата, оставки поднесоа и министерот за водоснабдување Прадиип Јадав, министерот за земјоделство и сточарство Рам Нат Адхикари, како и министерот за внатрешни работи Рамеш Лекхак.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни