Гори една од најголемите руски рафинерии: погоден е нафтениот комплекс во Јарослављ

Руската рафинерија „Славнефт-ЈАНОС“ запалена по напад со дронови, повеќе експлозии пријавени во градот.
Slavneft-YANOS

Во синоќешен напад со дронови погодена е руската рафинерија за нафта „Славнефт-ЈАНОС“ во Јарослављ, една од петте најголеми рафинерии во Русија, по што во комплексот избувнал пожар, информираат локални претставници и канали на Телеграм, пренесува The Kyiv Independent.

Жителите на Јарослављ пријавиле најмалку седум експлозии над градот, а кратко потоа се појавиле информации за пожар во рафинеријата, која се наоѓа на повеќе од 700 километри од украинската граница. Гувернерот на Јарославската област, Михаил Евраев, претходно предупредил за закана од дронови во регионот, додека податоци од отворени извори (OSINT) потврдиле дека индустрискиот објект бил директно погоден. Независниот руски Телеграм-канал „Астра“ објави фотографии и видеоснимки од пожарот во рафинеријата.

Рафинеријата „Славнефт-ЈАНОС“ е еден од клучните производители на горива во Русија, вклучувајќи бензин, дизел и авионско гориво. Со капацитет за преработка од околу 15 милиони тони сурова нафта годишно, овој објект има стратешко значење за руската енергетска и воена логистика.

Покрај Јарослављ, во текот на ноќта биле нападнати и други руски региони, меѓу кои Твер, Смоленск и поширокото подрачје на Москва. Во Твер, според локалните власти, експлозија од дрон оштетила пониски катови на станбена зграда, при што биле повредени седум лица. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека руската против-воздушна одбрана пресретнала осум дронови кои се движеле кон главниот град.

Обемот на штетата во Јарослављ сè уште не е целосно познат, а украинските власти засега официјално не го коментираа нападот. Сепак, Украина во изминатиот период повеќепати користеше домашно произведени далекуметни дронови за напади врз руската нафтена инфраструктура, со цел да го ослабне еден од главните извори на финансирање на руските воени операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни