Ѓорѓе Павичевиќ, професор на Факултетот за политички науки: Студентските протести го отворија прашањето за одговорноста на власта во Србија

Недостасуваше веродостоен општествен субјект на кого граѓаните би му довериле да го води овој процес искрено и без посебни интереси. Со начинот на организирање, своите акции, упорноста и шармот, студентите успеаја да стекнат општа симпатија и доверба на многу групи. Заради тоа овој процес е незапирлив и ништо нема да биде исто, бидејќи власта е целосно делегимизирана

Пред повеќе од 60 дена, факултетите ширум Србија започнаа со блокади. Студентскиот бунт започна на Факултетот за драмски уметности во Белград кога студентите го блокираа сообраќајот за да им оддадат почит на загинатите во трагедијата на железничката станица во Нови Сад. Тогаш, група луѓе ги нападнаа и побараа да го прекинат протестот.

По ова студентите го блокираа факултетот, а со постепено им се приклучија повеќе од 50 други факултети ширум земјата. Амфитеатрите станаа места за спиење, простор за креирање на транспаренти, за варење кафе и дружење, за долги разговори на студентските пленуми… Она што почна како форма на непокор, отпор и блокада, денес полека станува своевидна „студентска револуција“ која охрабри многумина да го кренат гласот против корумпираниот политички систем.

Студентите со својата храброст, несомнено отворија ново поглавје во поновата историја на Србија, а зад нив застанаа граѓаните на Србија, нивните родители, но и нивните професори. Еден од нив е и Ѓорѓе Павичевиќ, редовен професор на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Белград и пратеник од редовите на Зелениот Лев Фронт. Павличевиќ на факултетот предава предмети од областа на современата политичка теорија на сите три нивоа на студии. Тој е еден од академските работници кои активно учествуваат во политичките и општествените настани во земјата и во Белград, а координатор е на Политичкиот совет во движењето „Не дајмо Белград“

-Студентските протести суштински менуваат многу. Власта е пред избор: без разлика што ќе направи, ќе се кае. Барањата на студентите и другите општествени групи кои ги поддржуваат, се такви што ако власта ги исполни, си пука во нога, а ако не ги исполни, пак си пука во нога. Студентските протести го ставија во прв план прашањето за одговорноста на политиката на власт и на нејзините погубни последици за општеството, особено кога станува збор за корупцијата која веќе буквално почна да убива луѓе. Покрај тоа, сега поголемиот дел од луѓето се уверија во репресивната и манипулативната природа на режимот. Протестите, што е најважно, ги ослободија голем број на луѓе од стравот од репресивните механизми на власта: безбедносните агенции, губење на работата или медиумската дискредитација. Ова особено важи за големите општествени системи, како што се образованието, здравството и енергетиката. Секако, сето ова беше познато и порано, но поради широко распространетата недоверба кон политиката и политичките партии, недостасуваше веродостоен општествен субјект на кого граѓаните би му довериле да го води овој процес искрено и без посебни интереси. Со начинот на организирање, своите акции, упорноста и шармот, студентите тие успеаа да стекнат општа симпатија и доверба на многу групи. Заради тоа овој процес е незапирлив и ништо повеќе нема да биде исто, бидејќи власта е целосно делегимизирана, што не значи дека знаеме како ќе завршат овие протести. Но духот е пуштен од шишето и оваа власт во некој момент ќе мора да попушти, да ги исполни барањата и да си оди или да ја зголеми репресијата, што е потежок пат, но последиците ќе бидат исти – вели за Трн професор Ѓорѓе Павичевиќ.

Протестите во Србија продолжуваат и денес, закажани се и за утре и за секој нареден ден до исполнување на барањата. А тие се и понатаму истите: објавување на целокупната документација за реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, отфрлање на обвиненијата против уапсените и приведените студенти, активисти и граѓани од претходните протести по повод трагедијата во Нови Сад, поднесување кривични пријави против сите напаѓачи на студенти, професори и граѓани и зголемување на буџетот за факултетите за 20 отсто.

Студентите покажаа дека не се „само деца со паметни телефони во раце“, туку една е храбра нова генерација спремна да донесе промени.















е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни