Горан Стојчетиовиќ за уметноста што преобразува: Не го потиснувам гневот – го цртам

Свесно ги прифаќам деструктивните нагони како рамноправни партнери во создавањето уметничко дело. Тие ми даваат дополнителна сила да ја одржам мојата бескомпромисна потреба за пронаоѓање уникатни уметнички изрази

Во Музејот на Македонија (Галерија за етнологија) на 7 јуни, беше отворена изложба „Сублимации“ на Горан Стојчетовиќ. Таа ќе трае до 24 јуни. Во време на прегласен свет и пригушени чувства, уметноста на Горан Стојчетовиќ доаѓа како удар – длабок, необуздан и честопати вознемирувачки искрен. „Сублимации“ не е само наслов на изложба, туку процес, состојба и сведоштво на личната и колективната борба да се изрази она што се крие зад културните, општествените и личните маски. Овие дела не нудат утеха – тие прашуваат, повикуваат, предизвикуваат.

Создадени преку психофизички ангажман, овие слики не се замислуваат – тие се преживуваат. Стојчетовиќ, со својот искрен и недотеран ракопис, нè потсетува дека уметноста не е само форма, туку функција на егзистенцијата. Агресијата, вознемиреноста, нагонот – се тука, но не како закани, туку како можности за преобразба. Како што самиот вели, тие се „активни метаморфози“ – и во нив, секој од нас може да го препознае своето животно јас, својата човечка граница.

Изложбата „Сублимации“ е покана за средба. Со себе. Со другиот. Со оној дел од нас кој сме го потиснале, но кој повикува преку цртежот, бојата и движењето. Работата на Стојчетовиќ не бара објаснување – бара присуство. Овде. Сега.

Трн: Како се роди идејата за изложбата „Сублимации“? Што претставува насловот за тебе лично?

Горан: Идејата за изложбата потекна од Билјана Димитрова од студиото „Партизанска печатница“ во Скопје. Минатата година имав турнеја низ Македонија, каде што одржав работилници за длабински цртеж во Струмица, Битола и Скопје, каде што Билјана учествуваше на една од работилниците и тогаш ми ја спомна својата желба и можноста да ми организира самостојна изложба во Музејот на Македонија. И ете, по една година, таа успеа да ја реализира таа идеја и бескрајно ѝ сум благодарен за тоа. Инаку, се знаеме повеќе од 10 години и веќе сме соработувале на неколку проекти. Што се однесува до насловот на изложбата, за мене тој најпрво значи дека ми е целосно јасно дека сум живеел, живеам, ќе живеам и ќе умрам во антропоморфна зверска зоолошка градина.

Трн: Ги нарекуваш овие дела „сублимации“ на агресивни нагони. Што е првото нешто што мора да се потисне за да се роди сликата?

Горан: Сакам да нагласам дека се работи за сублимации на агресивни форми на нагони, не самите нагони, затоа што мислам дека единствено е возможно да се занимаваме со формите на нагони и нивните трансформации и преобразби. Тргнувам од идејата дека секоја експресија во процесот на создавање е значајна и дека, колку и да ми е непријатна или неприфатлива на почетокот, успевам да пронајдам поинаков агол на гледање на мотивот и преку тоа изместување на перцепцијата, всушност ги откривам причините за чувството на непријатност и отпор. Немам чувство дека нешто потиснувам додека создавам. Веројатно потиснувам во завршната фаза на делото. За да го надмудрам мојот „цивилизиран“ систем на контрола, по 25 години уметничко истражување осмислив голем број техники и пристапи кои на директен начин комуницираат со длабоко неартикулираните содржини на психата.

Трн:Твоите слики нè дочекуваат како телесен и емотивен удар. Колку од себе губиш, а колку пронаоѓаш во процесот на создавање?

Горан: Никогаш немав чувство дека се губам, туку дека се ослободувам и се приближувам до себе. Иако моите постапки при создавањето содржат елементи на театар, шамански ритуали, дервишки транс и еуфорично однесување на луѓе под дејство на алкохол и гласна музика, тие ми служат како психолошки и социо-антрополошки комплекси преку кои ја предизвикувам, ослободувам и меркам сопствената „дивја природа“. Таа „дивја природа“ всушност е психосоматска претстава на нагонските сили во мене, спротивставени на општествените вредности во дадено време и простор.

Трн:Колку си задоволен од приемот на публиката во Скопје? Дали реакциите беа очекувани или те изненадија?

Горан: Многу сум задоволен и сакам на оваа прилика да им се заблагодарам за топлиот прием и интересот. Не бев изненаден бидејќи на минатогодишната турнеја доживеав одлични реакции и воспоставив креативна комуникација. Сфатив дека имаме многу заедничко и дека моите слики ќе остварат убава врска со македонската публика.

Сублимации на немирот: Во внатрешниот свет на Горан Стојчетовиќ

Трн: Длабинскиот цртеж го опишуваш како техника, но тој делува како став, како животна филозофија. Како се роди тој концепт и каде му е границата – ако воопшто постои?

Горан: Пред речиси 20 години ја опишав и скицирав идејата за длабински цртеж, тогаш наречен „Седумте круга на спиралата“. Потоа, во 2015 година го основав „Арт брут студио ВМА“ во Дневната болница на Клиниката за психијатрија при Воено-медицинската академија во Белград. Во оваа болница, со повремени паузи, и денес волонтерски спроведувам работилници за длабински цртеж со пациенти и клинички психолог. Резултатите беа значајни, па уште од почетокот мојот метод стана дел од редовното лекување на пациентите. Таму го дефинирав длабинскиот цртеж. Од 2017 година работилниците ги организирам и надвор од болницата. Досега имам цртано со околу 2000 луѓе од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Македонија, Франција, Австрија и Белгија, и со сите сум разговарал за различни феномени што им се појавувале при цртањето. Тоа е прекрасно искуство, поради кое минатата година започнав да работам на концептот на длабинска уметност. Имав среќа што добив покана да напишам текст за тоа за научното списание „Епидемиологија и психијатриски науки – современа маргинална уметност“ на Универзитетот во Кембриџ.

Трн: Каква е улогата на интуицијата во твоето сликарство? Дали некогаш ја проверуваш со разумот?

Горан: Интуицијата е клучна во секое истражување, па така и во моето. Не ја следам слепо, туку се трудам да ја почувствувам нејзината внатрешна природа. Чувствувам дека улогата на интуицијата не е само да води, туку и да создава. Во тоа се разликувам од многу уметници – во неартикулираниот процес на создавање вклучувам паузи исполнети со аналитичко толкување и согледување на различни фази и елементи на несвесните експресии при создавањето.

Трн: Во време кога светот е преполн со бучава, дали уметноста сè уште може да се слушне?

Горан: Може, секако. Јас ја најдов во творештвото на луѓе надвор од разни видови општествени системи. Запознајте се со феноменот на арт брут и таму ќе откриете уметнички чуда создадени од чистата човечка природа.

Трн: Ако еден ден целосно го изгубиш гневот и немирот во себе, дали мислиш дека ќе можеш да продолжиш да сликаш? Или токму тие ти се боите?

Горан: Во длабинската уметност недвосмислено е важно постоењето и негувањето на дестабилизирачка и деструктивна психичка енергија кај творецот. Свесно ги прифаќам деструктивните нагони како рамноправни партнери во создавањето уметничко дело. Тие ми даваат дополнителна сила да ја одржам мојата бескомпромисна потреба за пронаоѓање уникатни уметнички изрази.

Трн:Кога последен пат едно уметничко дело (не твое) те натера да замолчиш?

Горан: Минатата година буквално занемев пред слика од Сава Секулиќ, на изложбата „Свесно напуштање на реалноста: Илија Босиљ и Сава Секулиќ“ во Галеријата на Матица српска. Морам да додадам дека додека го пишувам ова, наидов на вест дека починал германскиот уметник Гинтер Икер. Се сеќавам дека по неговата изложба во Белград, пред дваесетина години, јас и колегите молчевме замислено половина час.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни