Google најави голема промена за Gmail корисниците

Конечно ќе може да се смени старата Gmail адреса – без губење на пораките и услугите

Google најави важна новина што би можела да им го олесни животот на милиони корисници ширум светот: за првпат од лансирањето на Gmail во 2004 година, ќе биде овозможена промена на постоечката @gmail.com адреса, без губење на пристапот до Google сервисите.

По повеќе од две децении, многумина денес користат адреси креирани во младоста – со прекари или комбинации што повеќе не им одговараат. Досега, Google не дозволуваше ваква промена, но тоа наскоро би можело да се смени.

Како што пренесуваат технолошките портали, на Google страницата за поддршка (засега достапна на хинди јазик) е наведено дека компанијата тестира нова опција што ќе им овозможи на корисниците да ја сменат својата Gmail адреса, додека сите поврзани услуги (Gmail, Drive, Maps и други) ќе останат непроменети.

Клучната новост е дека старата Gmail адреса нема да се изгуби. Таа ќе биде поставена како таканаречен „alias“, што значи дека пораките испратени на старата адреса и понатаму ќе пристигнуваат во вашето сандаче. На тој начин, корисниците нема да мораат веднаш да ги известуваат сите контакти за промената, туку ќе можат постепено да ја користат новата адреса.

Дополнително, нема да биде потребно повторно менување на начини на плаќање, пријави на апликации или поврзани сервиси – уште една причина зошто оваа промена се смета за една од најкорисните досега.

Сепак, Google предупредува дека функцијата ќе се воведува постепено, со цел да се откријат евентуални технички проблеми. Можно е корисниците да се соочат со потешкотии при користење Chromebook уреди или при најавување на надворешни сервиси преку Google сметка.

Исто така, по креирањето нова Gmail адреса, нема да биде дозволено создавање дополнителна адреса во период од 12 месеци.

Иако сè уште нема официјален датум за глобалната примена, најавата веќе предизвика позитивни реакции кај корисниците, бидејќи конечно нуди решение за една од најдолгогодишните ограничувања на Gmail.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни